Со пуштање аудио снимки од т.н. „бомбите“ пред македонското Собрание, свирежи и извици „УА“, започна најавениот протест под мотото „Стоп за цензурата! Не ги даваме бомбите!“.
Неколку стотини граѓани, активисти и новинари се собраа пред советодавниот дом за да го искажат својот револт од предлог законот што вчера попладне го поднесоа пратеници на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а со кој се забранува објавување и поседување на прислушуваните материјали.
„Дојдовме да го искажеме револтот од најновиот закон. Со ова решение се воведува цензура и е против членот 16 од уставот. Бараме целосно повлекување на предлогот“, истакна пред присутните Павле Богоевски од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Предлогот од пратениците од партиите на власт беше дочекан на нож на социјалните мрежи. Силна осуда стигна и од новинарски здруженија од земјава и регионот. Со него, покрај останатото, се предвидува казна затвор од најмалку 4 години за тој што неовластено поседува, обработува и располага на кој било начин со материјалите од прислушкуваните разговори. Истата казна е предвидена и за оние што неовластено ќе објават или пренесат прислушувани или тонски снимени разговори или делови од нив, или нивни транскрипти, во Македонија или во странство. Исто така се бара бришење на транскриптите и аудио записите од порталите кои веќе биле објавени.