Со пораките „Сакаме здравје, не пари“, „Не ја копај нашата иднина“, „Прашината од каменоломите убива“, жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Октиси побараа да се затворат камелоломите под Јабланица. Тие вчера излегоа на мирен протест и го бликираа магистралниот пат Струга – Дебар, револтирани од тоа што, како што велат, се гради уште еден каменолом во подножјето на планината.
„Ние како граѓани нема да застанеме тука, мора да се стави крај на секакво зло што се нанесува на Лабуништа и околните села, но пред се штетата што се нанесува на природата. Без разлика дали живеете во Лабуништа или не, запаметете дека истиот воздух го дишеме сите, подеднакво“, велат од еколошкото друштво „Натура Лаб“ од Лабуништа.
Организатор на протестот е „Натура Лаб“, кое бара од ресорните министерства и Владата одземање или раскинување на концесиите во најкраток можен рок, со цел да се заштите населението од големото загадување од ископите.
Укажуваат дека во Лабуништа има шест активни каменоломи и уште неколку што работат без дозвола.
Ги повикуваат надлежните министерства и Владата да ги одземат концесиите за каменоломите и го прашуваат струшкиот градоначалник Рамиз Мерко како е дадена В дозвола за работа на овие капацитети. Ако изостане реакција од надлежните, велат дека ќе ги радикализираат протестите и ќе излезат пред општина Струга и пред Владата.