[Фото] Протести среде Скопје за солидарност со палестинскиот народ

Со скандирање „Крај на опсадата“, „Слобода“, „Free Рalestine“, „Смрт на фашизмот“, на Плоштадот Македонија се одржа мирен собир во знак на солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор. Организаторите на настанот повикаа да запре етничкото чистење во Палестина, откако изминатава недела се разгоре конфликотот меѓу Израел и Појасот Газа.

„Стоп за окупацијата на Газа, стоп за бомбардирањето и стоп за присилното иселување. Нема место во 21 век за етнички чисти територии. Големите идеи за големи етнички чисти држави, треба да останат во минатото. После Белград, Приштина, Сараево и Љубљана, и тука во Скоје го дигаме гласот во заштита на обесправените народи.Упатуваме порака до меѓународната заедница, после сите злодела кои ги направи во изминатите децении, да најде сили да се одржи Седницата на Советот за безбедност и да се разговара за ситуацијата во Израел. Долго време се случува невидена репресија врз палестинскиот народ. Ние сме свесни за страдањата што ги имаа Евреите во 19 и 20 век, но нема оправдување да го прават она што ним им го правеа. Ние ја продолжуваме славната традиција на изразување солидарност“, рече во своето обраќање пред присутните активистот Зоран Василевски.

Протестот го организираа „Гласни идеи“ и Сoцијалниот центар „Дуња“, од каде појаснија дека палестинскиот народ во окупираниот источен Ерусалим се соочува со етничко чистење од државата Израел. Како резултат на нападите и насилството беа убиени над десетици Палестинци, од кои скоро половината беа деца. Во меѓусебните напади, иако многу помалубројни, цивилни жртви имаше и на израелска страна.

Паралелно со протестот насловен „Во солидарност со палестинскиот народ“, на другата страна на Плоштадот „Македонија“ непосредно пред Камениот мост се собра уште една група граѓани за поддршка на Палестинците од Газа.

Тие не сакаа да даваат изјави на македонски јазик. Подоцна, се упатија кон Камениот мост, за продолжат да протестираат пред Музејот на холокаустот во Скопје.

М.К./Ј.Ј.