Вработените во Средното училиште „Владо Тасевски“ од скопски Аеродром додека го чистеле школскиот двор откриле дека низ него поминува железничка пруга стара речиси еден век.
Од училиштето успеале да ја реставрираат пругата, која според директорот на училиштето, Александар Сибиновски, освен што ќе го разубавува училиштето, ќе претставува и убав пример за нивните ученици.
„Пругата датира од 1926 година, а парната локомотива од 1934 година. Сета оваа историја се наоѓа во школскиот двор на СУГС Владо Тасевски, а ние со љубов ги реставриравме и оплеменивме. Покрај тоа што естетски го разубавуваат нашиот двор, тие се одлично нагледно средство за учениците кои учат во смерот по кој сме уникатни и единствени, а тоа е железничкиот сообраќај“, напиша на Фејсбук Сибиновски.
Покрај пругата, вработените ја разубавиле и старата локомотива која одамна се наоѓа во дворот и е карактеристична за ова скопско средно училиште.
Во „Владо Тасевски“ се изучуваат сообраќајна, машинска и електротехничка струка.
Во учебната 2018-2019 година во училиштето биле запишани вкупно 1.112 средношколци.
ФОТО: Александар Сибиновски / Фејсбук