[Фото] Прв уписен ден на УКИМ

„Ги дадов документите на ФЕИТ, ама не знам дали ќе останам таму. Веќе ме примија во Словенија“, ни изјави девојка што заедно со двајца другари стоеја на техничкиот кампус на УКИМ. Денес е првиот ден од првиот уписен рок на најголемиот универзитет во земјава – „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде годинава има 9.921 место за бруцоши.

На техничкиот кампус се наоѓаат зградите на четири факултети, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Технолошко-металуршки, Машински и веќе со години наназад најпопуларниот меѓу бруцошите – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ако пред две години, редиците на ФИНКИ беа долги километар, утрово речиси и да немаше гужва, кандидатите за упис треба да го почитуваат правилото своите документи да ги носат по азбучен ред – разбравме од присутните. По Природно-математичкиот факултет кој годинава отвори 1.030 места, ФИНКИ е втор во редот со 1.020 слободни места за студентите.

Гужвата од пред ФИНКИ се намалува како се движите кон ФЕИТ.

„Се запишав Електроенергетика и проектен менаџмент. Дали има работа, има, тука можеби не, но надвор има“, вели момче кое чекаше на скалите пред својот иден факултет.

„Не знам дали ќе ме примат, но се надевам“, надежно споделува девојчето што седи до него.

Околу Машинскиот и Техонолошко-металуршкиот факултет немаше многу студенти, но дека е прв уписен ден се чувствуваше низ уличките околу кампусот. Студенти со родители или сами бараат книжарници, прашуваат каде е зградата на ФИНКИ, некои ги прават последните проверки пред да ги предадат документите.

На пат кон општествениот кампус кој е на другата страна на градот, се зградите на Архитектонскиот и Градежниот факултет. Дворот таму денес беше речиси полн со млади кои држат документи во рака. Годинава Архитектонскиот факултет ќе ги отвори вратите за 90 студенти, додека на Градежен може да се запишат 310.

Правниот и Економскиот факултет се меѓу факултетите на кои има најмногу слободни места за бруцошите. Слично е и со Филозофскиот каде годинава се отворени 895 места и Филолошкиот со 790 слободни места.

„Дадов документи на психологија, ги чекаме резултатите сега. Малку е стресно искрено, но возбудени сме, дефинитивно ќе биде многу различно од средно“, споделува една девојка која со другарка ѝ седат на клупа пред Правниот факултет.

„Јас ги дадов тука на Правен, очекувам да ме примат, очекувам убави работи“, вели другото девојче.

Општествениот кампус беше полн со студенти, дел од за првпат чекореа по патеките до идните факултети, други се сликаа со дипломи и цвеќе пред споменикот на Кирил и Методиј. Најолемата гужва на овој кампус беше пред Економскиот факултет.

„Ако не ме примат на сметководство, си реков можеби и нема да пробам друг факултет“, по малку исплашено вели девојче кое со група идни колешки се прашуваат дали ги предале сите документи. „Интересно е, возбудливо сега кога чекаме“, додава дргарка ѝ.

Првиот уписен рок продолжува и утре (30 август). Вториот е на 17 и 18 септември, а третиот на 27 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 11 и 12 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.

Ангела Бошкоска