Откако активисти и јавноста реагираа за нелегалниот ѕид кај авто-кампот „Градиште“ на Охридското Езеро, денес тој го рушат ангажирани работници и машинерија.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски соопшти дека градежен, комунален и инспектор за животна средина утрово извршиле увид, по што било констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување.
„Согласно тоа, денес, започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид“, објави градоначалникот на Фејсбук, заедно со фотографии од локацијата.
Според Георгиевски, општинските инспекциски служби уште на 24 март извршиле увид и составиле записник, па било донесено решението за „парапетчето“, според кое изведувачот имал законски рок сам да го отстрани.
Од тој записник во март се поминати скоро два месеци, па Охрид СОС денес реагираше дека општината знаела за зафатот, а „инвеститорот“ продолжил да гради се до 17 мај, кога граѓаните алармираа.
„Општината чекала сами да си го рушат. Аха! Арно ама овие си граделе и натаму, спремни за кривична пријава. А, нели Општина Охрид нема пари за рушење дивоградби?!“, стои во дел од реакцијата на активистите.
Претходно, Антикорупциска комисија побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО, бидејќи утврдиле дека предвидените средства на Општина Охрид се премалку за оваа намена.
„Дојдовме до сознанија дека Општина Охрид само во 2019 година имаат склучено само еден договор, со еден економски оператор, во вредност од 1,5 милиони денари заедно со ДДВ. Поради тоа што сметаме дека ова е премал износ за справување со дивоградбите“, рече претходната недела претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.
Додека локалната власт во Струга на неколку пати отфрлаше одговорност за дивоградбите во оваа општина, процесот на уривање на дивоградбите во Охрид требаше да почне уште минатата година. Сепак, досега не е направено многу по ова прашање.
Одлуката за статусот на охридскиот регион, според извештаите на Владата, УНЕСКО требаше да ја даде од 29 јуни до 9 јули во Кина, но поради пандемијата со коронавирусот состанокот е одложен на неопределено време.