Месната заедница Стојаково, која е дел од Општината Богданци, неодама ги преброја и направи „попис“ на штрковите. При пребројувањето, установени се 47 гнезда, 94 возрасни штркови и 163 млади штркови.
Оттаму истакнуваат дека селото Стојаково е рамничарско село и има две големи предности – прво, има доволно безбедни места за гнездење, речиси повеќето од гнездата се на далноводи, на кои често има платформи за штркови поставени од „ЕВН Македонија“ и второ, околните обработливи површини, близината на Вардар и влажните ливади околу локалитетот Ѓол и Ѓиренот нудат доволно храна за штрковите.
„Штрковите населуваат еколошки чисти средини, што значи дека Стојаково максимално ги исполнува нивните услови за живеење. Тоа се доволни предиспозиции за штрковите да имаат растечка и самоодржлива гнездечка популација во селото. Во 2018 година беа преброени активните гнезда, имаше 37 гнезда, 74 возрасни и 134 млади штркови“, велат од месната заедница.