Во галеријата „Остен“ вчера со воведен перформанс од самиот уметник беше отворена изложбата „Сизифов пат“.
Лука Лагатор, карикатурист со светско реноме, а по потекло од Балканот, Црна Гора вчеравечер заедно со својот „камен“ пристигна на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Сосем ненадејно и без никаква најава одејќи од улицата „Максим Горки“ кон плоштадот почна да ја тркала симболичната коцка изработена од стиропор, за само неколку мига подоцна да го привлече вниманието на присутните минувачи, туристи и сите што во моментот беа таму.
View this post on Instagram
Не му пречеше снимањето, напротив сето време беше љубезен. Иако сите што го следеа ја чувствуваа жештината што испарува од врелите бетонски плочки, сите знаеја дека нему му е најтопло. Сепак, ова беше еден од полесните потези за него, кој веќе 30 години на различни места низ светот ја раскажува верзијата на „Митот за Сизиф“ преиначена во негов личен уметнички перформанс.
Обиколката на плоштадот заврши со внесување на „каменот“ во „Остен“ каде десетина луѓе беа во исчекување, а десетина го следеа и влегоа заедно со него.
„Според мене, Митот за Сизиф е со најдлабока филозофија за човекот и неговото постоење во грчката митологија. Сметам дека секое живо суштество на оваа планета е Сизиф. Од едноклеточната амеба до хомосапиенс, сите ние сме Сизиф, и не само ние, туку и земјината топка што ја туркаат големите сили на универзумот“, изјави Лагатор, по што изложбата беше отворена за разгледување.
Во „Остен“ се изложени 30-тина карикатури што ја рефлектираат реакцијата на уметникот кон неговата околина и светот во кој живее, тој и ние, но на негов начин.
За сите кои имаат подзаборавено, Сизифовиот мит ја раскажува приказната за најитриот човек во древните времиња по име Сизиф кој успевал да избега од секоја казна на налутените богови. Сѐ до последната кога му одредиле постојано да тркала еден огромен камен од рамнината до врвот на еден рид. Кога мислел дека тешкиот товар го дотуркал до врвот, огромниот камен одеднаш му се испуштал од рацете и пак се наоѓал долу, во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта, по што овој невозможен труд и денес е познат како Сизифов камен.
Ангела Бошкоска
фото: Радио МОФ