На централниот плоштад „Македонија“ во Скопје се поставуваат типизирани куќички околу површинската фонтана која е под градежни зафати. Куќичките се поставуваат за новогодишната прослава во градот, потврди за Радио МОФ еден од работниците кој работеше на нивната инсталација.
Но, во меѓувреме градските власти иако најавија украсување на градот и дочек за нова година, сè уште немаат објавено детали кога ќе почне, колку ќе трае програмата, но и колку пари ќе чини прославата.
Радио МОФ во повеќе наврати испрати прашања до Град Скопје во однос на тоа дали ќе се организира некакво случување во градот, кога е во план да започне украсувањето и колку би чинел тој процес. Оттаму ни одговорија дека е планирана прес-конференција, па не’ упатија овие прашања да ги поставиме тогаш.
Минатата година, градот почна да се кити на 16 декември. Тогаш, градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот со компанијата „Линк медиа“ која требаше да го украсува градот, па од компанијата потоа бесплатно го накитија главниот град.
Тогаш, Арсовска најави и дека градската власт ќе ја промени досегашната практика, и наместо да најмува фирма за украсување, најави дека градот ќе купи сопствени украси со цел да се заштедат пари од буџетот.