Во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, во петок од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева – Бачварска.
Според кустосот Маја Чанкуловска-Михајловска, на рамниште на визуелната презентација, најновата изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“ следи како продолжение на нејзините претходни реализации со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум.
„Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секојдневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препознатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење“, вели Јанешлиева – Бачварска.
Според Чанкуловска-Михајловска, генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврдување на позицијата на Славица Јанешлиева во современата македонска уметничка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критичките модели на стварноста.
Инаку, Славица Јанешлиева – Бачварска е родена во Скопје во 1973 година. Таа магистрирала на Факултетот за ликовни уметности. Од 2000 година работи како самостоен ликовен уметник, потоа од 2006 станува доцент, а од 2016 е редовен професор на овој факултет.
Јанешлиева – Бачварска зад себе има 25 самостојни изложби, а учествувале и во над 200 национални и меѓународни групни изложби. Добитник е и на повеќе награди, меѓу кои Финалист, меѓународна биенална изложба на графика во Тајван, потоа наградата „Константин Мазев“, награда за графика „Димче Николов“, награда Атанас Мучев за најуспешен автор-дело на Избор 2002, награда од НУБ, 28 графичка изложба на ДЛУМ…