За време на четвртиот ковид бран, во периодот од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со коронавирусот имало во градовите каде што има најнизок процент на вакцинирано население, соопштија денеска од Министерство за здравство (МЗ).
Како за пример, тие ги посочуваат градовите Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово каде опфатот со вакцинација е меѓу 54 и 61%, а каде бројот на починати е најмал.
„Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30%, а бројот на починати со ковид е 73“, посочуваат од МЗ.
Оттаму потенцираат дека е време да се отфрлат сите заблуди во врска со вакцините и, како што додаваат, да се придвижиме кон фактите и реалните докази кои покажуваат колку тие се значајни и ефикасни.
„Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции“, додаваат од МЗ.