Со иста енергија како да е прв, а не последен ден, заврши овогодинешниот Д фест 2019. Времето по дождот беше поубаво од кога било, а звуците кои доаѓаа од сцените преполнети со илјадници посетители креираа незаборавни и магични моменти.
Како дел од денската шема, посетителите на „Москито“ сцената ги слушаа „Александар Велики“, а по нив атмосферата ја загреаја момците и девојката од „МВР СВР“ со трап журка.
Бленд Мишкин и Рутс Еволушн со својот реге настап ја загреаја публиката на „Лејк авејк“ сцената, чија програма заврши со настапот на македонскиот драма-хип-хоп проект Црнила Ремикс.
Оттаму, публиката се префрли на најголемата, главна сцена која се наполни за последен пат годинава. Таму програмата беше исполнета со најразновидна музика: дед метал бендот „Напалм Дет“ го имаа можеби најгласниот и најенергичниот настап, за потоа нашите „Суперхикс“ да ја распеат публиката со своите хитови.
Соул/џез пејачката Хинди Захра, која македонската публика ја памети од „Офф фест“, сега повторно настапи најавувајќи ја магичната Акуа Нару, која со својот карактеристичен хип-хоп ја затвори програмата на главната сцена на овогодинешниот Д фест 2019.
Во продолжение, погледнете како изгледаше атмосферата за време на фестивалските денови.