Спајдермен, Супермен и Мики Маус предновогодишно ги посетија малите пациенти од Клиниката за детски болести во Скопје.
Облечени во костимите на препознатливите суперхерои и омилени јунаци од цртаните филмови, волонтерите од Црвениот крст на Град Скопје им приредија пријатно изненадување на најмладите и им подарија новогодишни пакетчиња.
„Да подариме насмевка… Волонтерите на Тимот за одговор при катастрофи – Тим за спасување на планина, облечени во костимите на детските херои, Спајдермен, Бетмен, Мини Маус и Супермен, а потпомогнати од Дедо Мраз, со јажиња се спуштија на Клиниката за детски болести во Скопје. На малите пациенти им подарија насмевки и новогодишни пакетчиња за претстојните празници“, напишаа од Црвениот крст на Град Скопје.
Настанот се одржува по петти пат и е традиционална активност на Црвениот крст на град Скопје.
Фото: Црвен крст на Град Скопје