Преку 15 макети и паноа со графички прикази на кои работеа 33 студенти од Архитектонскиот факултет при УКИМ беше отворена изложбата на трудови на студентите на тема „Архитектонско и урбанистичко решение на нов студентски кампус“.
Пред публиката студентите ги презентираа своите концепти, визии и идеи за изложените архитектонско-урбанистички решенија. Локација за новиот студентски кампус се наоѓа на територија на Општина Центар во урбанистичкиот план познат како Судска палата 1, покрај кејот на реката Вардар, во непосредна близина на повеќе значајни јавни објекти и институции од национален интерес.
„На заемно задоволство, изложбата на Интегративното студио 9.3, е уште еден успешен проект што се реализира во рамките на соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Станува збор за долгогодишна соработка помеѓу нашите две институции, официјализирана во 2019та година со потпишување на Меморандум кој им овозможува на студентите од факултетот, заедно со општинските стручни служби, да реализираат практично-теоретска настава и вежби за објекти на територија на Општина Центар. На изложбата има навистина импресивни макети за нов студентски кампус. Сигурен сум дека нашите студенти ќе прераснат во успешни архитекти и им посакувам многу успеси“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на отворањето на изложбата.
Како што информираа од Општина Центар проектите се плод на детална анализа пред се на капацитетот, содржините и типоморфологија на веќе постоечките пет студентски домови во градот Скопје.
„По извршените анализи, се увиде дека во главниот град нема доволно капацитет за студентско сместување и според студентските податоци, се јави потребата од предвидување на нов студентски кампус, за што тие сметаа дека зададената локација е најадекватна за таа намена. Во целиот процес на семестралната задача активно беа вклучени и архитекти, вработени во Општина Центар, кои своето знаење и искуство го пренесоа преку практично-теоретска настава и вежби. Општина Центар преку слични проекти и работилници и во иднина ќе ја продолжи, досега започнатата пракса од 2019 година, на студентите да им овозможува надоградба на нивното знаење и активно учество во практичното совладување на предизвиците“, стои во соопштението.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во КСП „Центар –Јадро“ до 11 март.
Фотографии: Општина Центар