По повод 20 јуни – Светскиот ден на бегалците, вчерашниот ден во Центарот за баратели на азил во Визбегово беше исполнет со забава, дружба, многу насмевки и пинг-понг турнир помеѓу бегалците, социјалните работници и партнерите од граѓанскиот сектор на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Таму поразговаравме со Габриел Гуалано де Годој, претставникот на УНХЦР во државата, кој ни раскажа повеќе за настанот, неговата цел, суштина и значење, но и за надежта која тој ја полага во младите да изградат подобар свет.
„Тука сме да им оддадеме признание на храброста и издржливоста на барателите на азил и бегалците ширум светот, но и овде во земјата. Ние се обидуваме да ги обновиме нивните животи во мир, безбедност и достоинство и овде во Северна Македонија“, истакна тој за Радио МОФ.
Според него, настанот носи многу важна порака до светот за инклузија и солидарност со бегалците и треба да биде пример дека можеме да направиме повеќе и да постапуваме поинаку со барателите на азил, бегалците и лицата без државјанство. Додека пак, лично за него, оваа дружба претставува награда за трудот кој постојано како организација го вложуваат за овие луѓе.
„Ова е толку жив момент… Игравме пинг-понг со децата и го почувствувавме ентузијазмот на младите. Толку многу зборуваме за 120 милионите раселени луѓе низ целиот свет како последица на војни и конфликти, но овде видов насмеани луѓе, го видов резултатот од многу труд и тоа дека хуманоста ни е заедничка карактеристика“, потенцираше претставникот.
Тој заедно со децата и останатите учесници играше на пинг-понг, се дружеше и муабетеше, но загуби, па посочи дека тоа се должи на што тие се премногу добри во овој спорт.
„Дружбата ме натера да размислувам за тоа колку спортот е важен како начин за поврзување на луѓето. Само сте овде и доживувате заеднички моменти, а границите и националноста не се повеќе важни“, забележа Годој.
Претставникот на УНХЦР во земјава верува во младите и во визијата што тие помагаат да се обликува, верува дека бегалците ќе бидат добредојдени овде и се надева дека нема да мора повеќе да се потпираат на Конвенцијата за бегалци бидејќи можеби нема да има повеќе конфликти во иднина. Според него, бегалците имаат многу да понудат на сите заедници кои ги пречекуваат.
Како што истакна тој, тимот на УНХЦР во иднина би сакал да организира повеќе вакви настани, особено спортски, затоа што младите луѓе имаат корист од нив и повеќе се ангажираат, додека истовремено покажуваат солидарност кон бегалците.
„Наскоро ќе се одржат Олимписките игри и би им посочил на сите кои ќе гледаат посебно внимание да обрнат на Олимпискиот тим на бегалци. Луѓето кои ги гледале последните Олимписки игри можеби слушнале за приказната на Јусра, или за филмот ‘Пливачите’, кој прикажува приказни што ги гледате сега, овде, како играат пинг-понг. Мислам дека е важно да се знае за приказните зад бројот на бегалците ширум светот“, истакна претставникот.
Дополнително, тој смета дека е во ред младите да бидат ентузијасти за иднината, но советува да не заборават на минатото, затоа што, како што истакна, имаше време кога оваа земја ја согледа важноста од примањето на бегалците.
„Ние кои сме доволно стари, можеме да се сетиме на конфликтот и раселувањето на Босна, Косовскиот конфликт, почетокот на 90-тите, крајот на 90-тите, а и не така оддамна, во 2015-2016 година, речиси 1 милион луѓе се раселија. Верувам дека младата генерација има многу важна улога, а тоа е да ја истакне важноста на одбраната на правото на азил, но и правото во азил, односно правото на бегалците да бидат заштитени, но и добредојдени“, објасни Годој.
Ова значи, како што наведе тој, дека овие луѓе треба да имаат пристап до образование, право на работа и здравствена заштита, како основни права на секој човек.
„Не ни требаат повеќе непријателства и дискриминаторски наративи и верувам дека со промената на однесувањето можеме да работиме заедно за да изградиме поинаков свет“, заклучи претставникот.
Инаку, ваков настан се одржува традиционално секоја година, а од УНХЦР велат дека истото го прават и во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.
Ангела Петкова