Со одбрана на тезата „Овој дом е против користењето на социјалните мрежи како примарен извор на информации“, тимот „АМЕ“ од Скопје победи на Националното дебатно првенство 2023 што го организира Младинскиот образовен форум (МОФ).
Во главната дебата што се одржа вчера (14 мај) во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ учествуваа два тима – „АМЕ“ во состав на Мина Митановска, Емир Хасанаговски и Андреј Ристиќ кои беа позиционирани на левата страна од говорницата во улога на афирмација и „Kinder Surprise“ составен од Леона Змајшек, Јана Николовска и Петар Китанчев на десната страна, во улога на негација.
Со најавен „drum roll“ дебатата ја отвори првата говорничка од тимот афирмација, Мина Митановска, а потоа членовите од двата тима наизменично се менуваа давајќи аргументи „за“ или „против“ зададената теза.
Секој дебатер имаше свои 8 минути да го претстави аргументот на неговиот тим и да го побие излагањето на претходникот од спротивниот тим. Откако поминаа сите членови, дојде главниот момент во финалето, „Reply speech“, кога се сумира целата дебата, односно се даваат четириминутни говори зошто едната страна е подобра од другата, а потоа тимот од пет судии одлучува која група подобро ја поткрепила нивната теза за дебатирање.
„Мајка ми која е наставничка секој ден се соочува со многу проблеми и од родителите и од децата. Исто така таа е јавна личност и има давано многу интервјуа на традиционалните медиуми. Оттука, ми текна на моментот што ако некое од овие деца или нивните родители земат делче од тоа интервју, нешто што она кажала го извитоперат и буквално направат сечи – лепи – монтирај и кажат нешто што не е вистинито? Јас знам каква личност е она и знам дека тоа не е вистинската слика и дека тоа е само една лажна информација којашто повторно, нема да е првпат и нема да е последен пат да се рашири на социјалните мрежи. Што повеќе едно општество се трга од вистината, толку повеќе тоа ги мрази тие што ја кажуваат, рекол Орвел. Всушност, што е вистината, ако не потрага по тоа што го немаме – знаењето? Ерос во етимолошка смисла не е љубов, туку е копнеж по нешто што го немаме. Сепак ние не сме Кјеркегор за да се откажеме од љубовта. Ние ја љубиме вистината и потрагата по точноста и корекноста. Затоа, процесот на информирање го гледаме како нешто свето. Можеби како што напишал Томас Џеферсон ние само може да трагаме по среќата, но по тој пат ќе ја најдеме вистината. Каков е тој човек којшто не трага по вистината, тој не е човек туку е водител на тие што не може да го почувствуваат Еросот“, рече Митановска во излагањето што пресуди за тимот „АМЕ“ да победи, односно да ја одбрани својата страна дека „Овој дом е против користењето на социјалните мрежи како примарен извор на информации“.
Покрај доделување на медалот за прво место на „АМЕ“, во рамки на турнирот, Давид Салонтаји го доби признанието за прв најдобар говорник од сите учесници, Миа Драгниќ се здоби со пофалница за втор најдобар говорник, а Берина Вуисланин за трет.
Младинскиот образовен форум преку својата дебатна програма што е распространета со дебатни клубови во градови низ целата држава, веќе 10 години го организира Националниот дебатен турнир во Македонија. На годинешното првенство учествуваше рекорден број од 50 тима. На победничкиот тим „АМЕ“ годинава му претстои Европско дебатно првенство каде треба да ја претставува државата.
@radiomof Тимот ,,АМЕ” со одбрана на тезата ,,Овој дом е против социјалните мрежи да се користат како примарен извор на информации” победи на годинешниот национален дебатен турнир🙌 Читајте повеќе на radiomof.mk 🔗 #fy #fyp #дебата #националнодебатнопрвенство #млади #средношколци #социјалнимрежи #вести #дезинформации #завас ♬ Good Time – Owl City & Carly Rae Jepsen
Дебатните клубови и турнирот се поддржани од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Наградите на дебатерите им ги додели Џери Дајбл, претставничка на канцеларијата на УСАИД во земјава.
Ангела Бошкоска