Студентите на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и учениците од Американската гимназија во Скопје крајот на семестарот и полугодието го означија со организирање голема донација.
„Водени од мотото ‘Love Above All’, учениците и студентите ја донираа својата користена и зачувана облека, играчки, книги, костуми за маскенбал, постелнина и разни предмети за домашна употреба, а собираа и донации од сува и конзервирана храна, хигиенски и козметички производи“, велат од Универзитетот.
Донацијата ја собирале три недели, а во неа се вклучени и пријатели и роднини на ученците и студентите како и други граѓани.
„Во рамки на часот по Менаџмент, заедно со нивната професорка д-р Венера Крлиу, учениците од четврта година во Американската Гимназија Скопје работеа вредно и посветено, водени од желбата секое парче облека да си го најде својот нов, вистински дом“, велат од Гимназијата.
Сите донации како што додаваат оттаму, учениците денес ги однеле до пунктот од каде ќе им бидат дистрибуирани до лицата од социјално загрозените категории. Со донираната храна ќе се подготват здрави и вкусни празнични оброци.
Фото: Универзитет Американ колеџ