Мир наместо војна. Насмевка наместо оружје. Љубов наместо уништување. Ова се универзални мировни пораки, но со ситуацијата во Украина повторно актуелизирани и искажани од ученици од средното училиште „Никола Карев“ од Скопје.
Во просториите на гимназијата се закачени токму вакви пораки, откако ученици од прва и трета година од „Никола Карев“ претходно по иницијатива на професорката Билјана Костова маршираа во имe на мирот, слободата и љубовта за сите деца на светот.
Костова за Радио МОФ објаснува дека мировниот марш се движел по пешачката патека на булевар „Партизански одреди“ до „Сити мол“, назад по патеката до ТЦ „Лептокарија“ каде младите се задржаа на платото, па продолжија до училиштето.
„Младите секогаш го избираат мирот за да можат да ги изразат своите желби, мисли радости, своите очекувања од светот и животот. Пораките на маршот ги изработија самите ученици. Такви пораки правеле претходно и млади во склоп на мировното образование, но сега ги прилагодивме на актуелната ситуација. А, потоа, оставивме пораките да ги гледаат и останатите средношколци“, вели Костова, која е професорка по македонски јазик и литература.
Таа смета дека е многу важно учениците уште од мала возраст да ја сфатат важноста на состојбата во која живеат.
„Најважно е да има мир, да има слобода. Инаку, како би твореле, создавале, би учеле, како би напредувале? Не може никако во случај на воена состојба. Слободата на децата им дава можност. Тоа е основната за која се бориме. Децата веќе сами ги препознаваат овие вредности. Им дадов самите да си ги подготват пораките, целосно нивна замисла и реализација. Тоа што самите сакаат да го кажат – да го пренесат и на другите“, посочува Костова.
Во „Никола Карев“, идејата да се живее во безбедна и мирна средина се пренесува и преку часовите и иницијативите на нејзината колешка Елвира Мустафа, со која соработуваат.
Па така, учениците и претходно во септември преку акција испратија пораки „Поттикни мир“. Од младите досега произлегоа различни дела и ицијативи– посета на домови, хуманитарни акции, поддршка на лица што живеат на улица и сл. Ова е продолжение на таквата идеја за мировен активизам и креативно изразување.
Бојан Шашевски