[Фото] Урбана акција за поддршка на граѓаните од Влае: Да не ја преспиеме промената на ДУП-от

Кревет со натпис „Да не ја промениме промената на ДУП-от“ се појави во Влае, со цел да се даде поддршка на граѓаните и граѓанските активисти од оваа скопска населба, каде последниве недели активно се борат да го спречат донесувањето на новиот ДУП кој може неколкукратно да го зголеми бројот на жители и да уништи добар дел од јавниот простор и зеленилото (просторот помеѓу Порта Влае, булeварот „Партизански одреди“, реката Вардар и Хром).

„Новиот ДУП за Влае односно за делот Влае 2, веќе еднаш бил донесен во претходниот мандат на градоначалникот Стевче Јакимовски, а во 2018 е укинат од Уставниот суд , но сега повторно се подготвува да биде оперативен и ставен на гласање пред советниците во Општина Карпош“, стои во соопштението на активистите што ја спроведоа акцијата.

Со новиот ДУП, велат тие, се предвидуваат згради од 10 ката на просторот на некогашно кино Влае. Парцелата за маркици за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина.

„Со новиот план се предвидува улицата да се пробива зад поранешното кино Влае односно пред основното училиште ‘Димо Хаџи Димов’. На местото на паркот и инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина е вцртана маркица за црква. Маркица за зграда се предвидува на празниот простор кај ‘Кам маркет’ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром“, велат активистите.

Тие нагласуваат дека овој простор кој е државно земјиште, граѓаните бараат да се направи парк, а не по багателна цена да се распродава државна земја, за бизнис интереси со приватни инвеститори. Во делот на сегашното игралиште покрај реката Вардар, се предвидува по потреба да стане затворено игралиште или спортска сала.