„За колку го продадовте нашето здравје?“, „Стоп за труењето на децата“ и „Уште колку можеме да издржиме“ беа дел од пораките на новиот протест пред македонското Собрание против загадувањето. Граѓани од групата „Канцерогено општество“ и денеска се собраа разочарани од незаинтересираноста на надлежните да го решаваат проблемот, а на протестот се приклучија и средношколци од скопските училишта здружени во иницијативата Средношколски глас.
Организаторите изјавија дека очекуваат од властите во најбрз можен рок да излезат со стратегија и конкретни мерки.
„Парите кои се издвојуваат за животна средина апсолутно се трошат ненаменски. Тие одат за покривање на непродуктивните цели и политики. Впрочем и извештаите на меѓународните и домашните ревизори покажаа дека ние немаме контрола и контролни механизми на трошењето на парите и на политиките кои ги креираме“, рече еко-активистот Тони Никушевски.
Меѓу барањата кои ги споделија во повикот за протестот, од „Канцерогено општество“ бараат:
Итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот во земјава.
Итно вклучување на експерти (Доктори, Еколози, Еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата).
Владата да ги употреби сите потребни средства за справување со овој проблем.
Вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи.
Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решенија кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени.
ФОТО: Бојан Шашевски