Од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ), објавија дел од просторот од долгонајавуваниот Студентски културен центар.
Просторот ќе служи како канцеларија за работа на Универзитетското студентско собрание и Студентскиот правобранител, но и како мултуфункционален простор со бифе и простор каде ќе се одвиваат разни културни и едукативни настани.
Од УСС УКИМ соопштија дека официјалното отворање на Центарот е утре, на 4 март, сабота, со почеток во 20 и 30 часот.
„Веруваме дека СКЦ ќе биде новото место каде младите ќе можат да се вмрежуваат, да организираат настани и активности“, истакнаа од УСС УКИМ.
На отварањето посетителите ќе можат да проследат свирка од младиот рок бенд „Фул хаус“, па оттаму и за прв пат да ја почуствуваат суштината на СКЦ – промоција на нови бендови и уметници.
Забавата за отворањето на СКЦ ќе продолжи со диџеј сетови на Дрази Драгс и Ивана Драгшиќ, а студентите од Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) ќе презентираат свои дела на изложба.
Студентскиот културен центар како идеа беше отпочнат при мандатот на втората претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска.
Тогаш беше распишан и конкурс за идејно архитектонско решение и ентериерно уредување на Студентскиот културен центар. На конкурсот распишан од УСС УКИМ, победи решението на Елена Настеска и Маја Попоска, поранешни студентки на Архитектонскиот факултет во Скопје.
„Студентскиот културен центар е 90% готов по заслуга на минатиот состав на собранието предводен од Ева Цветковска, но еве така се погоди, па јас ја имам честа официјално да го отворам и да го претставам пред студентите. СКЦ ќе биде новото место каде секој еден студент ќе може да дојде да учи, да се дружи и да се одржуваат состаноци на ФСС и УСС“, истакна Славчо Темелковски, актуелниот претседател на УСС УКИМ, при интервју со Радио МОФ, на почетокот на неговиот мандат.
Локациски, СКЦ се наоѓа во Палатата „Кузман“, веднаш до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје, односно на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов.