По речиси два дена од промоцијата, дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев поставен во централното подрачје на Охрид вчера беше вандализиран, соопшти вчера преку Фејсбук, универзитетскиот професор Анис Сефиданис, кој стои зад компанијата „Сефиданис“ која го создаде инвентивното дело. Споменикот вклучува технологија за препознавање говор на македонски јазик и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, а синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.
„Вечерва на 11-ти август, после нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите“, напиша Сефиданис на Фејсбук.
Тој соопшти дека случајот веднаш бил пријавен во полиција, која направила увид и која ќе ја проследи постапката до Јавното обвинителство.
„Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот“, додаде Сефиданис.
Паметниот споменик беше промовиран вечерта на 9 август. Сефиданис претходно посочи дека тој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид.
„Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии ни овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град“, напиша Сефиданис.