„Ни викаат: Имате велосипедски патеки! Колку улици можете да наброите на кои редовно гледате дека велосипедската патека/лента е окупирана од застанати или паркирани коли?“, прашуваат од велосипедската иницијатива НаТочак, која заедно со пријатели волонтери ја спроведоа втората акција од приказната во неколку продолженија.
Според НаТочак, во овој случај не зборуваат за инцидентно паркирање на место каде многу ретко се случува тоа. Туку зборуваат за места на кои тоа е константен проблем.
„Тука зборуваме за секојдневие. Кога и да поминете на тие места секогаш има застанати или паркирани коли, чии ‘актери’ во секојдневна рутина, без посебен страв од казна, ниту пак грижа дека загрозуваат нечија безбедност, застануваат, паркираат или возат на велосипедската лента. Да, да, и возат. Дури и преминуваат преку пешачки и велосипедски премини заедно со пешаците и велосипедистите“, соопшти НаТочак преку социјалните мрежи.
Од таму потенцираат дека недостатокот на страв од казна и сообраќајната (не)култура е резултат на нефункционирањето на институциите.
Истите луѓе, велат велосипедистите, во други средини демонстрираат сосем друга култура. Таму знаат и да попешачат 5-10 мин од регулираниот паркинг.
„Затоа јавно повикуваме: Министерството за внатрешни работи да воведе ред. Јавно повикуваме доколку паркирањето е проблем од помал интерес за МВР да се воведе локална полиција/комунални редари кои ќе можат лесно да казнуваат и без да мора да дојде пајак со цел да станат поефикасни и да има поголем ефект врз општото однесување. Јавно повикуваме да се изнајде начин и пријавите од граѓаните да имаат тежина во еден нов начин на воведување ред“, стои во соопштението на велосипедистите.