[Фото + видео] Активисти поставија кукла-робот што препупредува на лажни вести

Центарот за современи уметности (ЦСУ) во соработка со младиот уметник Озбек Ајваз постави интерактивна инсталација насловена како ‘Кукла Робот кој препупредува на лажни вести’. Таа претставува просторна акција и интервенција преку која активистите ја третираат и потенцираат важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. Поставена е во центарот на градот на влезот на ГТЦ од страната на плоштадот.

„За жал лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани“, истакнуваат од ЦСУ.

На овој начин, посочуваат тие, директно ја препупредуваат публиката за постоењето и намерата на лажните вести, а куклата робот го објаснува начинот на кој вестите се презентираат и влијаат на јавноста. Како што истакнуваат оттаму, уметноста и уметничкиот израз се користат за вклучување во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општество насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци.

Делото се состои од кукла кој има вградени интерактивни сензори и звучници преку кои таа раскажува како да се заштитиме од лажните вести и како да ги раздвоиме лажните и вистинските вести и информации. Интерактивната скулптурална инсталација е изработена е во различен материјал и е со димензии 40 х 90 х 180 см.

„Самото уметничко дело, односно куклата во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци кои влијаат на однесувањето на јавноста, водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника и намалување на довербата во медиумите. Куклата робот исто ги предупредува граѓаните и дека лажните вести се користат и за политичка манипулација и влијание врз јавното мислење“, наведуваат тие.

Делото во наредниот период ќе биде поставено и на други фреквентни локации каде минувачите ќе имаат можност за кратка интеракција со него.

Фото и видео: Центар за современи уметности