Активисти од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ повторно стражареа горе на Водно, каде застануваа пред машинерија и се обидуваа да ги убедат работниците да запрат со копањето низ Парк-шумата.
Иницијативата бара итно запирање на градежните активности за гасоводната делница. Според активистите, горе и во моментов се работи со голем број неправилности.
„Од базични означувања на градилиште, потребна документација, услови, соодветен надзор, па се’ до немање официјален документ за изменета траса и Одобрение за градење по таа траса. Како и немање на Решение за сеча за ваква изменета траса. Инспекцијата е комплетно нефункционална и натаму си ги префрлаат надлежностите“, велат од иницијативата.
Покрај нивните доставени претставки изминатиот период, како и денешната претставка, велат тие, никој не е санкциониран и понатаму се работи на „диво“.
Бараме правната држава да профункционира и да се стави крај на непочитување на прописите и законите! Бараме итно постапување на инспекцијата! Ние не сме ниту инспекција, ниту надзор, ниту пак треба да бидеме! Поради нефункционалните контролни механизми бараме: Отстранете ја mеханизацијата од сртот на Водно!“, соопшти иницијативата.
Го сакам Водно денес го демантираа и соопштението на Македонски енергетски ресурси (МЕР). Тврдат дека не е постигната согласност, ниту биле дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект.
МЕР, пак, ги повика активистите на нови разговори.
„Како и секогаш МЕР АД Скопје е отворен за разговори, и по принципот на инклузивност ги повикуваме граѓанските здруженија наредните денови на разговор, за да се разјаснат недоразбирањата и да одговориме на прашањата кои создаваат недоречености“, велат од МЕР.
Од таму денес не одговорија на прашањата на Радио МОФ дали имаат добиено нова документација за работа, со оглед дека трасата беше изменета. Не одговорија ниту од кои точно активисти е земена согласност, и дали постои некаков документ за таквиот договор.
„Извршниот директор на МЕР АД Скопје е на службен пат надвор од Република Македонија. Одговорите на прашањата ќе ги добиете во текот на наредната недела“, велат од МЕР за Радио МОФ.
Директорот на МЕР Бајрам Реџепи на 9 октомври рече дека ја чекаат потребната дозвола од Министерството за транспорт и врски за изменетата траса, па, откако ќе ја добијат, работите на тој потег ќе продолжат. Сепак, ден потоа, односно вчера (10 октомври), МЕР соопшти дека активностите се отпочнати уште од понеделникот за гасоводната Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и тоа од км 25 до км 26 на потегот кон Шишево.
Од Министерството за транспорт и врски денеска не ни одговорија дали издале дозвола на МЕР за работа по изменетата траса.
Според Град Скопје, Македонски енергетски ресурси имаат дозвола за изградба на гасоводот и тие одлучуваат кога ќе ги извршуваат градежните работи. Градските власти се пофалија дека во насока на отстранување на недореченостите за овој проект, на 3 септември годинава организирале голема дебата, во која беа присутни сите чинители од овој процес.
„Во насока на намалување на трасата која е опфатена со градежните работи, како резултат на континуитраните разговори со претставниците на здруженијата на граѓани, Градот Скопје успеа да се избори за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Долнително, во соработка со Владата на РМ, во наредниот период Скопје ќе добие: 43 милиони денари за повторно пошумување на Водно со средства обезбедени од МЕР, како директна законска компензација за уништеното зеленило“, ни одговорија од Град Скопје.
Исто така, додаваат дека ќе има пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора со средства обезбедени од Владата на РМ, со што, велат тие, директно се влијае на спречување на поплави како оние во Стајковци и околината.
„Исто така, владина поддршка за проектите за зелени коридори по должината на реките Лепенец и Серава; 1 милион евра за градско зеленило обезбедени со пренамена на средства од Министерството за животна средина и просторно планирање; Носење на закони за заштита на парк-шумата „Водно“ и на Матка во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, и Приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасификациската/топлификациската мрежа на градот и нивно елиминирање од листата на загадувачи“, се вели во одговорот на Град Скопје до Радио МОФ.
Бојан Шашевски