Во Старата скопска чаршија во клубот „Ла Кања“ во саботата вечер (21 септември) се случи „Децата на крајот на светот“, настан под закрила на колективот „Гола Планина“.
Младите здружени сили од новиот македонски бран на присутните им понудија свежа музика, како дел од напорите на „голопланинци“ и другарите да ја збогатат независната сцена со нови културни содржини. А, и плус да „падне“ дружба.
View this post on Instagram
На музичкото мени за вечерта беа нашите Еже, Мрша, Стражарот, како и гостите од Словенија – Мал пре мал. Последниве се релативно нова четворка од Љубљана што вешто дрибла и балансира меѓу ноиз и пост-панк. Ем звучни бранови, ем дистописки мелодии. Дечките свиреа во дресови на „Вардар“ и македонската репрезентација.
View this post on Instagram
Настанот во „Ла Кања“ беше одржан во DIY манир, со кутии за донации за музичарите. Имаше и можност да се купи по некоја касета, беџ, маица… Меѓувремено, „Партизанска штампа“ на лице место со сито печат штампаа парчиња облека на посетителите.
Бојан Шашевски