„Уа Данела“, „Оставка“, „Скопје бара превоз“ ечеше од насобраните граѓани кои денеска маршираа по скопскиот блокиран булевар „Илинден“, за потоа да протестираат пред бараките на Град Скопје, со цел да го искажат незадоволство со состојбите со автобускиот превоз во главниот град.
На протестот инициран од градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Кутро Дудуш се приклучија студенти, средношколци, граѓани од цело Скопје.
Тие со себе носеа свирчиња, мегафони, транспаренти со натписи „Не сме само бројка на избори“, „Ветуваа редовни линии, добивме редовни лаги!“, „Зошто автобусите ги нема во Шуто Оризари?“.
Извиците и паролите кулминираа пред влезот на градската администрација, кога дел од граѓаните побараа градоначалничката Данела Арсовска да излезе, да се соочи со нив и да преземе одговорност.
View this post on Instagram
„Излези и кажи им на сите мајки, жени и деца како да живеат без јавен превоз?! Како е да мораат да плаќаат секој ден по 500 денари за такси, а да живеат на минималец?! Кажи им Данела!“, рече една жена од гласната толпа, додека мегафонот одеше од рака во рака.
Дел од граѓаните пробаа да влезат во бараките, но беа спречени од големиот кордон полицајци.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш пред новинарите кажа дека граѓаните од оваа скопска општина се повторно тука, исто како пред две години, но сега со уште повеќе барања.
„Градоначалничке, на 12 септември 2022 година, 2.000 граѓани на Шуто Оризапред ви дојдоа пред врата пешки, преку ист ваков мирен протест и ве прашаа: ‘До кога само граѓаните на Шуто Оризари ќе се корисници на недостојни автобуси? Нередовно и со нецелосни линии на јавниот превоз?“. Одговор на овие прашања, на помалку од една година пред истекот на вашиот мандат – се’ уште немаме. Вчера рековте дека е ‘неумесно е граѓаните на градот Скопје да останат еден ден без јавен превоз, поради немање нафта“. Според вас, која е замената за зборот ‘неумесно’ за граѓаните на Шуто Оризари, кои 730 денови немаат пристап до јавен превоз? Јас би рекол дека зборот е расистички. Расистички, дискриминаторски, нехумано и неодговорно е да оставиме 40.000 граѓани две години без јавен превоз“, посочи тој.
Воедно, Дудуш праша зошто само во Шуто Оризари над 90% од линиите ги возат приватни превозници?
„На ЈСП автобусите немате залепено напис ‘Забрането за Роми и за граѓаните на Шуто Оризари’. Ама и нема потреба. Вашето дискриминаторско однесување се потврдува и со небулозната изјава (од вчера). Ве прашуваме госпоѓо Данела, денеска возат некои линии низ Скопје, но зашто повторно во Шуто Оризари нема автобуси?“, праша тој.
Тој побара од Арсовска да покаже одговорност за како што рече, неделата кон граѓаните на Шуто Оризари, но и да покаже политичка зрелост.
„Ние, татковците и мајките на ученици кои секојдневно доцнат поради немање јавен превоз. Ние, професорите и воспитувачите на деца од Шуто Оризари, кои секојдневно доцниме или не се појавуваме на работа поради немање на јавен превоз. Ние, мажите и жените кои добивме откази од работа поради секојдневно доцнење на работа. Ние, постарите лица кои не стигнуваме навреме на термини во болниците и си го загрозуваме здравјето. Сите ние, од вас бараме итно да постапите по возниот ред објавен на страната на ЈСП и утре да возат автобуси по улиците на Шуто Оризари. Итно да се ревидира одлуката на ЈСП и на Градот во која се наложува Шуто Оризари да возат над 90% приватни превозници. Итно да си ги подмирите долговите кон приватните превозници и да им овозможите услови да продолжат да возат во Шуто Оризари. Итно да пуштите нови автобуси да возат во Шуто Оризари“, посочи Дудуш, додавајќи дека ќе има протести секоја недела доколку не се најдат решенија.
Протестот го поддржа и Сојузот на средношколци од каде потсетија дека веќе две години се занимаваат со тоа јавниот скопски превоз да биде бесплатен за сите средношколци.
„Во декември 2023 година од страна на Уставен суд беше донесена одлука дека скопскиот јавен превоз треба да биде бесплатен за сите средношколци, во септември оваа одлука не беше испочитувана од страна на Град Скопје. Иако на учениците од приватните училишта не им беше дадено да имаат бесплатен јавен превоз, сега и учениците од јавните училишта немаат превоз. Во секој клас може да се види дека пола од класот е празен поради јавниот превоз, учениците не можат да бидат присутни во класот и тоа не може да е наша вина за да не присуствуваме на часови“, рече лидерот на средношколците, Берин Мухамед.
Студентите обединети преку Универзитетскто студентско собрание (УСС) на УКИМ ги повторија своите барања.
Тие повторно апелираа за продолжување и финализирање на проектот за „Bus Rapid Transit“, воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, но и отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти Јужен Булевар, бувеларите „Хрватска“ и „Србија“, мостот кај хотел „Русија“, продолжување на булеварот „Климент Охридски“ преку Вардар, под Кале до булеварот „Никола Карев“, како и продолжување на булеварот „Илинден“, Источна обиколница.
„Сметаме дека поради лични интереси, партиски препукувања, студентите и средношколцие не смеат да трпат товар. Затоа бараме од нив да престане злоупотребата и паѓањето на благосостојбата на студентите и средношколците во тек на колквиумска и испитна сесија“, порача Александар Николовски, претседател на УСС.
Воедно, студентите бараат и набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, како и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.
Инаку, Советот на Град Скопје вчера одржа вонредна седница. Координаторите на советничките групи постигнаа консензус и донесоа заклучок со која ја поздравија одлуката Владата, која, пак, одлучи да прогласи кризна состојба и да му даде нафта на ЈСП „Скопје“ за следните седум дена од државните резерви. Исто така, Владата побара заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
Бојан Шашевски, Ангела Бошкоска, Мартин Колоски, Ангела Петкова, Симона Паскоска