Едукативниот културен центар „Лабораториум“ изминатиов викенд „ечеше“ со младешка енергија на концертот на „Црно собрание“ и денската клупска забава со урбаниот „ОВЦ Колектив“.
Средношколскиот бенд „Црно Собрание“ во петокот настапи со песни од култните „Мозаик“, „ПМГ Колектив“ и „Бернајс Пропаганда“, и неколку авторски песни. Концертот беше снимен и наскоро ќе биде објавен од страна на „ПМГ Рекордингс“.
Следниот ден се случи дневниот рејв со четири диџеи од „ОВЦ Колектив“.
Музичките настани се дел од серијата настани кои ги организира „Силата ЕУ Младите“ – нова платформа за промоција на квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци.
Идејата на платформата е да опфати различни формати на целовечерни и дневни музички настани во чии рамки преку серија на концерти, клупски вечери и специјализирани диџеј сесии ќе се направи пресек на младинската музичка сцена и нејзините придвижувачи во полето на современата рок, поп и електронска музика. За понатаму, велат дека се предвидени и меѓународни гостувања од Србија и Англија. Основачи на платформата се здружението Крај вардарот и издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“.
Фото: Леа Манева