[Фото + видео] Лисичани на протест против бетонизација: Нема да бидеме затвореници во своите домови

Кај крстот на раскрсницата меѓу булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“ во општина Аеродром, попладнево жители на Лисиче излегоа на протест против бетонизација на оваа скопска населба.

Граѓаните симболично се собраа пред локацијата каде стравуваат дека ќе никне 12-катница, една од повеќето згради предвидени со Деталниот урбанистички план ЈИ09. Оттука, тие со транспаренти „Стоп за урбаната мафија“, „НЕ за згради во Лисиче“, „Ќе дишеме отров?“, но и со свирежи и балони испишани со „Го сакам моето Лисиче“ изразија револт против ваквото урбанизирање, потенцирајќи дека тоа ќе ги направи затвореници во нивните домови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Исто така, блокираа и дел од „Србија“, а дел од нив ги повикуваа и околните возила и граѓани да им се придружат за поддршка.

„Ќе се бориме до крај! Лисиче е најзагадена населба во Скопје, па сега решиле уште со згради да не’ гушат. Има смог, не се дише, па уште и згради ни требаат тука. Нема да им помине! Уште колку згради и колку домови треба да се уништат за да задоволат нивните болни апетити за профит?! Жителите на населба Лисиче со крв и пот ги имаат градено овие куќи. Нема да дозволиме да бидат уништени!“, рече пред присутните Тодор Кацаров, локален жител и активист од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.

Фото: Радио МОФ

Жителите уште додека планот беше на јавна анкета, се обидоа со поднесување анкетни листови да ја спречат штетата со која, како што рекоа, ќе се наруши спокојниот живот во населбата, а притоа имаше петиција потпишана од над 700 жители.

Општина Аеродром вчера излезе со соопштение дека се прифатени забелешките од граѓаните и се изготвува втора верзија на ДУП за дел од Лисиче, но жителите ваквиот потег го карактиризираат како обид за манипулација на јавноста.

„Сметаме дека тоа беше беден обид на Општина Аеродром да се амортизира протестот. Ден пред најавениот протест испратија соопштение, каде беа месец ипол? Од Велигден наваму се поднесени анкетните листови, а немаме никаков одговор, освен тоа соопштение кое пристигна вчера“, вели Кацаров за Радио МОФ.

Тој посочува дека Лисиче е градена после земјотресот и претставува пример за мирно и спокојно живеење.

„50-60 години живееме на тој начин, си го сакаме нашиот мир! Не бараме нешто невозможо. А, ова ќе биде ѕид од згради, сакаат да направат еден логор, каде ќе нема ниту свеж воздух, ниту сончеви зраци да поминат до нашите домови. Затоа бараме укинување на Предлог-ДУП-от. Да не ја пипаат населба Лисиче“, нагласи Кацаров.

Во името на лисичани ги повика и сите советници во Општина Аеродром да застанат против, како што рече, градежното лудило и да кажат „Не за бетонизација на Лисиче“.

Инаку, Призма уште во април објави дека во спорниот дел во населбата Лисиче двајца сопственици на познатата компанија „Голден арт“, Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, имаат во сопственост пет катастарски парцели со вкупна површина од 1.181 квадратен метар, заведени во имотниот лист како ниви.

Тие, како што пиша Призма, преку деталениот урбанистички план треба да влезат во градежна парцела на која е предвидена 12-катница, односно станбен објект со приземје, десет ката и поткровје. Таа би била најголема од редицата висококатници. Освен имотите на Јакимовски и Јаќимовски, парцелата опфаќа и земјишта на други сопственици, непознати во градежниот бизнис.

Бојан Шашевски