Десетина млади од Тетово и Скопје денес го посетија муралот на мирот кој е насликан на куќата што го носи името на Улицата на мирот во Старата скопска чаршија.
Млади активисти ги запознаваа со процесот на креирање на големиот графит кој ги содржи ликовите на активистите Ганди, Нелсон Мандела, Мартин Лутер Кинг како една од првите активистки кои се бореле за еднакви права на жените, Ема Голдман.
View this post on Instagram
„Две години размислувавме што и како ќе правиме. Зошто го избравме токму овој ѕид? Тој порано беше полн со пораки кои пренесуваа говор на омраза. Сакавме да ја избришеме таа лоша порака што се дава во чаршијата, бидејќи чаршијата е наша заедничка средина и овде живеат сите заедно. И јас и Јетмир сакавме за Чаир да направиме нешто позитивно, бидејќи секогаш на вести слушаме и читаме дека Чаир е нешто како црна дупка во Македонија, па со овие пораки се обидовме да го промениме тоа“, изјави активистот Вељон Кучи.
Кучи објасни дека проектот го спровеле со помош на здружението Мировна акција, а го работеле заедно со неговиот пријател и активист Јетмир Асани во 2020 година.
„Сакавме да биде место кое ќе се идентификува како место на мирот. И затоа со Општината Чаир одлучивме да го смениме името на улицата и таа да стане Улица на мирот. Најголема грижа ни беше да не се чкрта овој графит, бидејќи претходно овој ѕид беше место да се искаже гневот, но изгледа после три години сепак не е чепнато“, рече Асани, на што Кучи додаде дека токму тоа „зборува за тоа како се чувствуваат луѓето и како го прифаќаат муралот“.
Јас сум Анамарија и мирот за мене значи елиминација на војната, гладот, сиромаштијата. Означува целосна еднаквост меѓу луѓето.
Јас сум Фатон и сум средношколец. Според мене мирот значи да си слободен и да си ја гледаш својата работа.
Јас сум Анеса. Сметам дека мирот не е нешто што ти доаѓа само, туку ти треба да го најдеш, и потоа треба да го балансираш.
Ова беа дел од пораките на младите при денешната посета на муралот на мир.
Посетата беше организирана од Мировна акција и е втора активност посветена на мирот во која учествуваа овие млади. Првата средба им била во Тетово каде преку дискусија со активистката Елена Савеска и фотографката Арбнора Мемети, младите можеле да се запознаат со начините и можностите кои им се достапни за да придонесат кон мирот во општеството.
„Преку дискусијата можеше да се види дека кај младите има интерес да разговараат за мирот и тие треба да се најдат на масата кога се зборува за мир. Во Тетово имаше примери од мојата иницијатива Мисли малце, и во таа дискусија првото нешто што беше кажано беше – ова нема да издржи во Тетово. Заклучокот беше дека треба повеќе работи да се случуваат и во Тетово и на локално ниво, ама и на било кои други места – секаде каде што се наоѓаат младите да има некоја иницијатива нешто што би им покажало дека работите треба да се менуваат, и младите треба да се вклучени во тоа. Доколку сакаме да видиме промена во средината, да не чекаме на комшијата, можеме и ние да го направиме тоа“, порача активистката Савеска.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ