[Фото + видео] Нов протест пред Собрание, граѓаните побараа итна седница и отчет за загадувањето

Итна владина седница, искористување на сите расположливи средства за справување со загадувањето, но и отчет од надлежните дали си ја заработиле платата кога во прашање е горливиот проблем со воздухот.

Ова беа дел од барањата на иницијатива „Канцерогено општество“, која денес од 13 часот повторно иницираше мирен протест пред Собранието на Република Македонија.

„Министерот и заменикот-министер за екологија секојдневно да даваат отчет што сработиле додека нашите деца се трујат по болници. Ќе продолжиме, се надеваме дека ќе имаме уште повеќе луѓе наредниот протест, дека ќе се организираме уште подобро, дека нема да остане само на протести пред Собрание. Ќе видиме колку (надлежните н.з.) сериозно ќе ја сфатат работата“, рече Кристијан Узунов од „Канцерогено оптштество“.

Драги Змијанац од „Меѓаши“ рече дека забележуваат во континуитет како донесувачите на одлуки, пратениците, владата, претпријатијата и сите со политичка моќ, не се заинтересирани да го решат проблемот со аерозагадувањето и последиците кон децата.


„Болниците се полни со деца, секое второ дете страда од респираторни проблеми. Едноставно, живееме во општество кое е екоцидно, ги гуши граѓаните и децата, едноставно е бесперспективно. Ако вака продолжи, нема да има деца и луѓе да протестират“, рече Змијанац, охрабрувајќи ги луѓето да излезат на притисок за позитивни промени кон загадувањето.

Овој пат, немаше рута до Владата, туку се одржаа говори на блокираната „Димитрие Чуповски“ пред законодавниот дом.

Секој имаше можност да каже што мисли. Најчестите забелешки беа тоа што изоставуваат мерки од надлежните институции, но и масовност од граѓаните што седат дома.

Активистите од „Канцерогено општество“ побараа секој заинтересиран да им се приклучи, да сменат контакти, идеи, размислувања, се со цел да се изнајдат заеднички предлози и решенија за загадувањето. Потенцираа дека е потребен поширок граѓански фронт, па дадоа поддршка и до вчерашниот протест пред „Дрисла“ на Движење за чист воздух, но и за средношколците кои најавија протест во вторник од 12 до 14 часот.

Доколку нема помрднување на работите, нема мерки и итна седница на Влада, „Канцерогено општество“најавија радикализирање на протестите и можни блокади низ Скопје.

 

Текст, фото и видео: Бојан Шашевски