Кај основното училиште „Круме Кепески“ во скопска Кисела Вода, деновиве беше создадена мини депонија, буквално на неколку метри од влезот каде минуваат основците.
На аголот кај школото се одвиваше акција за собирање кабаст отпад, меѓутоа, разно ѓубре и мебел беа расфрлани и долж тротоарот, пред портите на „Круме Кепески“.
Видео за ситуацијата објави актерот и граѓанин на Кисела Вода, Рубенс Муратовски. Тој состојбата ја окарактеризира како „вака по дома да си чувате“.
„Веројатно не треба да потенцирам дека ѓубрето и отпадот кој е на самата ограда и пред вратата за влез во дворот на школото не е од учениците, туку од продавниците околу, а богами и од комшиите. Е па комшии, овие сељачки манири и некултура во вашите домови можете да си ги практикувате. Овде не. Пред школски двор“, пиша меѓу другото Муратовски, повикувајќи ја Општина Кисела Вода и одговорните да реагираат, во поглед на санкции, но и да се тргнат контејнерите од пред училиштето.
Радио МОФ денеска претпладне беше на терен во Кисела Вода. По реакциите на Муратовски и граѓаните на социјалните мрежи – ситуацијата беше сменета. Акцијата заврши. Кабастиот отпад, мебелот, столиците, прозорите и сл. ги снема кај школото.
Сепак, проблемот кој го потенцираа неколку загрижени родители и локални граѓани, е дека, едноставно, три контејнери на ЈП „Комунална хигиена“ се уште стојат непосредно кај влезот на школото. Без разлика на динамиката на чистење, реагираат дека постојано смрдат на учениците, секој ден.
Портпаролот на Кисела Вода, Јанко Бацарија, Радио МОФ потврди дека од 21 до 24 октомври имаше акција за кабаст отпад, по повод Светскиот ден на чистењето.
На барање на „Комунална хигиена“, општината за акција ги предложила локациите до контејнерите кај улицата „14 Декември“ кај „Гет Кафе“ и на улицата „11 Октомври“ – згради, во паркот „Пушкин“. Исто така, одложување на кабаст отпад било овозможено и во населба Драчево, на „Ратко Митровиќ“ кај салата.
„Кабастиот отпад од поставените контејнери го собираше организаторот на активностите, ЈП ‘Комунална хигиена’. Покрај ова, заради зголемениот обем на работа, а и по реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, Општина Кисела Вода веднаш се вклучи во акцијата. Отпадот расфрлен од страна на несовесните граѓани подалеку од контејнерите го собраа нашите сезонски работници, со камион на Општината“, велат од Кисела Вода, но засега не вратија одговор за евентуалните санкции за неодговорни граѓани.
За локацијата на контејнери пред школската ограда, ЈП „Комунална хигиена“ вели дека граѓани можат самоиницијативно да дадат предлог, барање – каде и зошто би се преместиле.
„Град Скопје ги одредува стандардните локации за контејнерите, според критериуми, преку нивните служби. Ние не можеме да одредуваме, бидејќи немаме ни архитекти, урбанисти во претпријатието, па да знаеме дали ќе пречи, дали одговара локацијата според сообраќај и сл. Граѓаните ги упатуваме да поднесат барање за дислокација до секторите во Град Скопје, кои излегуваат во пресрет. Тоа е процедурата. Од Градот ни јавуваат за одлуката, па ние дислоцираме или поставуваме садови“, вели Ана-Марија Бранѓолица, портпарол на „Комунална“.
За акцијата за кабаст отпад, Бранѓолица потврдува дека општината ги бира најфрекфентните места.
„Редовно се празнеа локациите. Мене ми е многу жал што луѓето наоколу одложувале отпад, меѓутоа, тоа е вон нашите ингеренции. Ние можеме да информираме, да апелираме да не го прекршуваат законот, меѓутоа тоа е проблематика за инспекторите“, соопштува Бранѓолица.
Вели дека нивно е да ги постават садовите, да излезат во пресрет на барањата. Ова, нагласува Бранѓолица, е алтернатива, бидејќи во центрите на претпријателите секојдневно нудат одложување на кабаст отпад.
„За да не плаќаат транспорт до таму, овозможувавме и преку акции за кабаст отпад. Несовесно е да не оставаш на самата локација, туку да одиш на 100-200 метри. Ние ја завршивме нашата работа и навремено собравме и исчистивме“, потенцира портпаролката на „Комунална“.
Бојан Шашевски