Итно и неодложно одземање на споената концесија за рудникот Иловица-Штука. Разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд. Одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во процесот на спојување на концесиите. Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица.
Ова се четирите основни барања кои еколошките здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и Еко Долина од „Ново Село“ ги порачаа преку денешниот протест во Струмица, каде добија поддршка од многубројни граѓани, активисти, иницијативи и организации од цела Македонија, укажувајќи дека ќе се борат до крај за да ја зачуваат струмичката котлина и природата за следните поколенија.
Граѓаните под жешкото јулско сонце ја блокираа раскрсницата во центарот на Струмица. Со себе носеа транспаренти, свирчиња, а дел правеа бучава и со разни предмети што ги донесоа од домовите. Постојано во бранови се извикуваше „Стоп за рудници“.
Од импровизирана бина, актерката и активистка Оливера Аризанова-Мансбарт ја нарече „срамна“ одлуката на владата за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука.
„Донесена без никаква правна основа, за потоа Владата да се правда дека, ете, ‘така одлучил Управниот суд’. Но, ние знаеме од последната пресуда на Управниот суд дека барањето на ‘Еуромакс Ресоурсес’ – судот да наложи на владата спојување на концесиите – е отфрлено. Сега се поставува прашањето кој тука лаже, манипулира и зошто?!“, рече таа пред насобраната толпа.
Посочи дека овде се собрани со чисти срца и мисли, а ова не е обичен протест.
„Ова не е само просто негодување против партиските паразити, криминалот, поткупливите судии, против алчните злосторници и нивните соработници. Ова не е дневна политика на црно и бели. Ова е бунт и борба за живот! Нас против бавната и сигурна смрт, која ни ја нудат со отворањето на рудникот. А, ако не сакаме да умираме, тогаш да се иселиме од оваа котлина? Не сакаме да се иселиме! Јас немам каде да одам и не сакам никаде да одам, сакам овде да останам. Затоа нема никому да му дозволиме, светот во кој растевме, се развивавме, старееме – да ни го уништат корумпираните судии, алчните политичари, профитерите, странските корпорации, за кои нашите животи не вредат ниту скршена пара! Ќе се бориме до крај“, порача Аризанова-Мансбарт.
Стојан Велков, активист од „Здрава Котлина“ зборуваше против апатијата и малодушноста, како најголем човеков непријател.
„Најголемата битка што еден човек, секој човек мора да ја издвојува, е против она внатрешно и проклето чувство дека е ситен, небитен, дека другите одлучуваат за неговата судбина. Дека ‘тие, таму горе, така решиле’. Дека ‘така ќе биде’. Затоа, човеку со разбуди се! Не е време за апатија и малодушност. Ти човеку не си мал. Само наметнатиот страв од неуспех те прави да изледаш таков. Излези од сенката на стравот, затоа што, гледаш наоколу, не си сам! Разбуди ја светлината во себе. Повлечи, тргни, реагирај. Преземи акција!“, рече Велков.
Велков дополни дека овде се собрани во голем број и гледа многу свелина, порачувајќи дека оваа борба ќе се води на секое ниво, од општинските совети, па се’ до највисоките државни инстанци.
„Ќе се бориме до крај и ќе зачуваме нашата природа за следните поколенија, таква каква што ни ја оставиле нашите предци. Само така ќе ја заштитиме природата, само така ќе ја заштитиме татковината“, рече активистот.
Се надоврза Ѓорѓи Танушев од „Здрава котлина“. Тој потсети дека веќе седум години трае борбата против рудникот Иловица-Штука. Ова е 35 протесна акција што ја организираат.
„Уште колку протести треба да направиме за да постапите по закон, да ја одземете истечената концесија и да го затворите ова прашање за век и навек?! Летото 2017-та организиравме два локални референдуми, одевме од село во село, од улица на улица, од куќа во куќа, ги запознавме сите со потенцијалниот гробар на струмичката котлина – рудникот на смртта. Организиравме протести во Струмица, Босилово, моторизирани каравани во цела струмичка котлина, организиравме протести во Скопје, пред Влада, пред Управен суд. 19 дена го блокиравме патот што води над ридот на Иловица. Ако мислите дека ќе не’ фатите на кондиција, дека ќе не’ уморите и дека ќе се откажеме – грешна ви е сметката!“, порача Танушев до надлежните.
Со оваа борба, вели тој, добиваат непотребни стресови и нерзови. Добиваат закани, уцени, притисоци, опомени пред тужби.
„Но, грешка им е есапот ако мислат дека ќе останат само двајца-тројца-четворица да ја продолжат оваа борба. Со сите вас ќе си имаат работа. Нашето дело е исправно, ‘Еуромакс’ ќе биде прогонет, ние ќе победиме, рудник нема да има!“, порача Танушев.
Мартин Колоски / Бојан Шашевски