Во паркот на МКЦ оваа пролет за прв пат имаше свирка. Новинари, дел од градската администрација и тимот на МКЦ, на отворено со маски и дистанца, проследија краток концерт на Бојан Петков – Шамба и неговиот нов бенд. Свирката се стримаше во живо, а дечките од МКЦ со гордост открија дека стануваат членка на реномираната мрежа на концертни простори во Европа – Liveurope.
Liveurope е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, а поврзува култни места по региони, високо професионални инфраструктури, со цел размена на добри практики и заеднички млади и нови уметнички откритија.
Со тоа, МКЦ ја засилува позицијата на меѓународната музичка сцена.
View this post on Instagram
Досега оваа здружение броеше 16 членки, а сега се приклучуваат уште пет, меѓу кои и МКЦ во друштво на „Ancienne Belgique“ од Брисел, „FZW“ од Дортмунд, „Melkweg“ од Амстердам, „Blå“ од Осло, „Kino Šiška“ од Љубљана, „Musicbox“ од Лисабон, „Vega“ од Копенхаген, „Debaser“ од Стокхолм…
„Ова е голема работа за нас! Ние сме единствена од државите што не се во ЕУ, а е дел од ова здружение. Јас на Русе (директорот н.з.) на шала му викам дека МКЦ влегува во Европска Унија. Ова се друштво на врвни култни сали, со што ќе ја збогатиме нашата програма, која и онака е богата благодарение на Градот, министерството, но пред се’ на нашата публика“, рече на денешната прес-конференција Владица Младеновски – Грга, кој веќе 12 и повеќе години е музички уредник во МКЦ.
Тој вели дека после ланското „Здраво млади“, Liveurope правеле панел-дискусија за музички професионалци од Европа и ги поканиле да презентираат како ја правеле „Култура во време на корона“.
„Им се допадна солидарноста, видео им пративме како промотивен материјал, каде сите артисти земаа ист хонорар. И, потоа не’ охрабрија да аплицираме, па не’ одбраа први од петте нови членки“, рече Грга.
Според тимот на МКЦ, мрежата првенствено е насочена кон млади и нови бендови и нивна европска промоција, како и промоцијата на европски бендови на нашата сцена. Од Liveurope ги помагаат и финансиски и ги стимулираат во реализација, а притоа МКЦ има автономија во програмата и изборот.
„Се однесува на т.н ‘emerging artists“ (артисти во подем). Toa e за нови бендови што имаат до три албума и постојат до пет години. Пример, Шамба што сега свири во паркот, свири со ‘Летечки пекинезери’ одамна. Но, сега има нов албум и влегува во ‘emerging artists’, затоа што нема издадено три албума“, објасни Грга.
За директорот Русе Арсов влезот во Liveurope е награда за се’ она што целиот тим го изработи во изминатите години, посебно во пандемиската година кога успееја да организираат околу 130 настани.
„Сметам дека ова ќе биде многу значаен чекор за се’ што ќе се случува во иднина на домашната музичка сцена“, вели тој.
Градоначалникот Петре Шилегов, пак, дополни дека екипата на МКЦ со посветена работа во овие тешки цивилизациски услови успеа не само да се одржи, туку, вели тој, успеа да израсне во јадро на македонската култура.
„Официјално се потврдува вредноста која МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија кои се дел од оваа сцена“, рече Шилегов.
МКЦ вчера го најави 11-ото издание на „Здраво млади“, кое треба да се случи кон крајот на август. Ќе креираат и дополнителна соодветна програма, се спремаат, но, велат тие, засега бројките со заболени од КОВИД-19 не даваат можност да се впуштат во нивна реализација.
Бојан Шашевски