Наместо бујна прослава, на дочекот на новата година во Белград, Нови Сад и Ниш владееше една гласна тишина. Од 23:52 до 00:07 се одржа 15-минутен молк, во чест на петнаесетте луѓе кои загинаа откако се сруши настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Молкот беше дел од најновиот протест на бранот универзитетски блокади и протести кои се одржуваат ширум Србија, како реакција на несреќата во Нови Сад.
„Нема нова, должни ни сте за старата“ беше паролата која ги обедини граѓаните кои протестираа, кои не дозволија дочекот на новата година да биде пречка во континуираните протести. Граѓаните држеа транспаренти на кои пишуваше „Несреќна нова година“, „Нема дочек додека не се дочека правдата“.
Новогодишниот протест започнаа со марш и кулминираше со 15-минутниот молк, кој стана традиција на протестите.
За време на молкот на Студентскиот трг во Белград, односно пред ректоратот на Универзитетот во Белград, граѓаните ги дигнаа своите телефони со вклучен блиц, а некои држеа и свеќи. Луѓе се гушкаа и држеа силно, а на некои им протекоа и солзи.
Точно на полноќ се слушна огнометот и викањето од околните прослави, меѓу која и на Плоштадот на слободата во непосредна близина, каде настапуваше Харис Џиновиќ на голема бина. Во тој момент неколку демонстранти запалија силни црвени факели, а демонстранти продолжија да го почитуваат молкот.
Кога завршија петнаесетте минути во 00:07 и се чу на мегафон едно „хвала многу“ од организираторите, публиката громогласно викна. Се гушкаа и си посакуваа среќна нова година, која ја дочекаа со високо ниво на само-рефлексија, интроспекција и критичко размислување.
Студентите на Универзитетот во Белград ја организираа заедничката новогодишна ноќ за сите студентите и граѓани, обединети под слоганот „Нема Нова година, сепак ни ја должите старата“, по моделот на студентските демонстрации од 1996/1997 година.
Студентите на бројни факултети од Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш од протест до протест бараат да се објави целосната документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад. Исто така, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените млади луѓе на протестите што следеа по трагичниот случај.
Воедно, бараат кривична пријава против напаѓачите на студентите и професорите и нивно гонење, но и зголемување на средствата од српскиот буџет за материјалните трошоци на државните високообразовни институции за 20 отсто.
Радио МОФ изминатиов период на повеќе пати пишуваше за состојбите во Србија. Студенти и активисти за нашиот медиум раскажаа како над 80 факултети и средни училишта повеќе од еден месец се блокирани, а бројката секојдневно расте.
Блокадите започнаа по нападот на студенти и новинари кои пред Факултетот за драмски уметности во Белград оддаваа почит на загинатите при падот на настрешницата, каде загинаа 15 луѓе, од кои еден е Македонец. Ова се случи на 22 ноември и оттогаш се интензивираа и секојдневните улични протести, кои се претворија во нешто многу поголемо, како своевиден антивладин отпор и барање правда на повисоко политичко ниво.
Демонстрантите и локални медиуми тврдат дека владејачката партија испраќа „батинаши“ (тепачи) кои намерно предизвикуваат инциденти на протестите, а за кои се наведува дека се и носители на јавни функции. Истовремено, студентите и активистите се организираат со разни протестни акции, иницијативи, блокади, алтернативни предавања и методи… Се’ со цел, како што велат, да се зајакнува истрајноста и борбата за исполнување на нивните барања.
„Борба за правда во земја без правда“: Како течат студентските блокади во Србија
Во Македонија, телата на студентите ги поддржаа блокадите во Србија преку објави на социјалните медиуми. Српските студенти во 2016 година, за време на студентските блокади во Македонија, во знак на поддршка протестираа пред амбасадата на Македонија во Белград. Протест за солидарност со студентите и граѓаните на Србија организираше „Еквалис“ во понеделникот, пред српската амбасада во Скопје.
Известувач и фотограф од терен: Борјан Гаговски
Декс новинар: Бојан Шашевски