Во Мултикултурен Центар „Коста Србакоски“ Вевчани вчера беше отворена трајната поставка за природа, Патување низ природните богатства на Вевчански Извори“.
„Трајната поставка има цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест“, велат од граѓанската организација „Еко-свест“.
Поставката, додаваат од Организацијата, ќе биде и еден вид на едукативен центар при посета на Вевчани, таа изобилува со забавни и едукативни содржини за сите возрасти и е изработена на македонски и англиски јазик. Преку неа се овозможува запознавање со природните вредности и реткости на подрачјето.
„Преку интерактивни игри кои се направени посебно за најмладите, поставката ќе даде извонредна можност за едукативни активности за основните училишта од регионот и пошироко. Во комбинација со едукативните активности во природа, како и акциите со граѓанска наука, оваа изложба го комплетира едукативното искуство и за средношколците и возрасните љубители на природата“, посочуваат од „Еко-свест“.
Поставката е изработена и поставена како дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” спроведуван од Еко-свест – финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.