Со транспаренти „Време е за одговорност“, „Нашите животи не се твои партиски поени“, „Министер за смрт“ и извикувајќи „Убијци“, „Оставка“, граѓани и активисти излегоа денеска на протест пред Собрание. Тие уште еднаш побараа министерот за здравство Никола Тодоров да ја напушти својата функција и да понесе одговорност за неколкуте смртни случаи годинава.
„Случајот на малата Тамара, случајот со трудниците и многу други случаи даваат повод опозицијата, граѓаните и невладиниот сектор да бараат министерот да си даде оставка. Но, и покрај сите скандали Тодоров ниту еднаш не понесе одговорност. Затоа, време е да се каже доста е, оставка!“, им се обрати на присутните Андријана Селмани, дел од граѓанската иницијатива „Ајде“.
Протестот се организира по повод Интерпелацијата што ја поднесе СДСМ за неговата работа, која во Собранието денеска предизвика жолчна расправа меѓу пратениците.
Интерпелацијата доаѓа по смртта на неколку родилки во земјава, особено за случајот во Гевгелија, кога поради алкохолизираност на анестезиолозите почина родилка заедно со нејзиното неродено бебе, без никој да понесе одговорност.
„Излези Тодоров, соочи се со луѓето и дај си оставка, министере смрт. Овој човек има ѓон образ, нема лице. Да имаше лице немаше да не остави 340 дена да седиме овде по смртта на Тамара. Во чаршиски муабети слушнав дека Тодоров си поднел оставка, но наводно пастирот не ја прифатил“, извикуваше новинарот и активист Огнен Јанески, свртен кон Собранието.
Протестите за оставка на министерот Тодоров започнаа во февруари, по смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес која почина, чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција.
На протестот присуствуваше и нејзината мајка, која заедно со присутните слушаа аудио снимки од изјави на Тодоров за случајот со Тамара и за успесите на министерството за здравство. Во Собранието се уште е во тек расправата за неговата интерпелација, додека надвор демонстрантите собираа средства за лекување на сестрата на Тамара, која има срцева маана.