Со минута молк за животните кои угинале од труење, заврши уште еден протест на т.н. Шепаста револуција пред Влада.
Марширајќи и денес од Собрание до Влада, група граѓани собрани во неформалната иницијатива „Шепасти ентузијасти“ побараа да запре труењето на кучиња, кое во последниов период беше честа појава низ повеќе градови. Покрај ова, апелираа до институциите да ги применуваат законите што ги штитат правата на животните и да ги казнат трујачите.
„Денес куче, утре дете“, „Права за животните“, беа дел од паролите кои ги извикуваа. За време на маршот, активисти легнаа на раскрсницата кај Соборниот храм.
На протестот учествуваа претставници од повеќе здруженија, но и активисти од други градови. Тие ја потсетија актуелната Влада на нејзините ветени заложби околу унапредување на благосостојбата на животните.
„Дојдовме да го изразиме нашиот револт од децениското игнорантско однесување на институциите во поглед на животинките и во поглед на примената на законот за нивната заштита и кривичниот закон што ја покрива областа поврзана со расфрлањето отровни супстанци и повреда на животинките и злоупотреба“, изјави Климент Арнаудов, активист од Охрид, за Радио МОФ.
Тој посочи на случаите со труења во Охрид, Струга и Ресен пред неполн месец. Најави порадикални активности ако институциите продолжат да не ги слушаат нивните барања, но и слични протести во Охрид.
Барањата на оваа иницијатива се: МВР веднаш да излезе на терен да собира докази и по службена должност да ги достави на испитување во одделот за криминалистичка техника и судска медицина. Потоа, судска медицина да изврши аутопсии (некропсии) на труповите, а обвинителство да покрене обвинителен акт.
Покрај ова, бараат здружен инспекциски надзор од Агенцијата за храна и ветеринарство и Инспекторат за земјоделство (во чија надлежност е контрола на промет на опасни супстанци), како и Државниот инспекторат за животна средина кој ќе констатира опасност по животната средина, Инспекторат за здравство кој ќе констатира опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните.
Во нивните барање стои и инспекторатите да достават соодветни решенија до МВР со лица кои набавиле такви супстанци во скоро време и/или да ги казни аптеките и да им изрече времена забрана за вршење дејност ако тие супстанци ги издале без соодветни процедури.
Нов протест најавија за понеделник од 18 часот.
„Нема да престанеме додека не видиме дела“, порачаа активистите.
Мартин Колоски
Емилија Петреска