Стотина граѓани вчера се собраа на плоштадот во Автокоманда на протест на кој побараа чист воздух. На протестот кој беше организиран од иницијативата „Автокоманда сака да дише“ , граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Загадениот воздух чини живот“, „Не ги загадувај децата“, „Сакаме чист воздух“.
Организаторите пред граѓаните ги претставија барањата меѓу кои беа и редовните инспекциски контроли на фабриките, како и профункционирање на мерните станици. Потсетија дека протестот е предупредувачки, а доколку не се огласат посочените инстутиции најавија и помасовни протести.
„Строго спроведување на Законот за квалитетен амбиентален воздух, итно запирање на постапката за издавање дозвола за работа за најавената нова фабрика за тешка индустрија во комплексот „Железарница“, како и засилен мониторинг на воздухот и воспоставување транспарентен систем за следење на загадувањето чии што податоци јавно ќе се објавуваат и ќе им бидат достапни на граѓаните“, се дел од барањата на иницијативата.
На настанот се обрати и активистот Ѓорги Танушев од „Здрава Котлина“ кој им даде поддршка на демонстрантите.
На протестот беше присутен и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски. Најави дека во четврток ќе се одржи посебна седница на советот на Општина Гази Баба, на која се очекува да присуствуваат и претставници на невладините организации, Министерството за животна средина и просторно планирање, Инспекторатот за животна средина и други, како би ги лоцирале сите чинители кои што влијаат врз лошиот воздух и животната средина.
Прашан од Радио МОФ за тоа што конкретно има направено за чист воздух, Георгиевски вели дека пред се работат во делот на уредување скверови, озеленување и садење дрвја, како и на проекти со алтернативната енергија.
М.К.