[Фото] Започна блокадата на депонијата Русино во Гостивар: „Граѓаните повторно да размислат за нивните деца и поколенија“

На Денот на Републиката, точно напладне, гостиварските активисти од иницијативата „Стоп Русино“ започнаа со најавената блокада на депонијата Русино, која претставува горлив проблем за нив. Со блокадата која е најавена да трае десет дена, почнувајќи од денеска, тие бараат затворање и дислоцирање на ѓубриштето.

Активистите не дозволуваат пристап на камиони кои носат ѓубре до депонијата, за која велат дека се полни со смет од девет општини. Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари на јавна дебата по повод ова прашање претходно посочи дека во Русино ќе се носи само отпадот од Гостивар. Но, активистите појаснуваат дека нема да ги пуштаат и камионите кои носат ѓубре и од Општина Гостивар, доколку не бидат исполнети одредени услови.

„Моментално сме некаде околу 20 луѓе, рампата е спуштена во 12 часот. Задоволни сме, ги поставивме нашите барања до општината, и сега чекаме нивен одговор, да почнат мерки да преземаат, додека не преземат мерки, не ги пуштаме возилата, ни камионите од Гостивар. Условите се, тие од претходно. Да се запре палењето на ѓубриштето, да се почне со затрупување на истото, да се обезбеди видео надзор целосен и да поднесат барање до државата за наоѓање на нова локација“, објаснува за Радио МОФ, активистот Десо Матески. 

Активистот Десо Матески дава изјава за медиуми

Матески вчера, како што тврди, добил закани по живот од директорот на гостиварски Комуналец, поради што моментално како мерка за безбедност, е под полициско обезбедување 24 часа. За случајот, како што појаснува, е поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи, а известен е и јавниот обвинител.

„Воопшто не се плашам од заканите, јас се плашам за граѓаните на Гостивар, дека доколку ова не го решиме, проблемот Русино не го дислоцираме, ќе умреме од болести, мене ми е страв само за граѓаните“, посочи Матески.

Наредните денови, контиунираната блокада ќе биде организирана со смени и дежурства, како што објаснува Матески, кој колку може, по неколку часа.

Од пред Русино, ги повика граѓаните на Гостивар да бидат разумни и да ја притиснат општината да се исполнат нивните барања.

„Ние немаме никакви барања невозможни, ние бараме да се прекине палењето, да се затрупа земјата, да се обезбеди со видео надзор целосно, за да се знае што се фрла, што се пали горе, и кој ги пали тие огнови горе. И би ги замолил повторно да размислат за нивните деца и нивните поколенија“, изјави Матески.

Поддршка за нивната акција, како што објавија од иницијативата, добиле од Првата детска амбасада „Меѓаши“, Движењето за чист воздух, здружението „Екогерила“, здружението „Мајка и дете“, иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, и еколошко друштво „Грин Пауер“ од Велес.

Стотици граѓани на 23 јули преку протестно дефиле со автомобили, велосипеди и моторцикли го изразија незадоволството поради депонијата која гореше веќе наредниот ден, а за која активистите велат дека чадот од неа се гледа од градот Гостивар. Ова не претставуваше нивен прв протест, туку, тие незадоволството го изразија и на почетокот на месец јули од каде испратија порака до институциите да најдат решение за нивниот проблем.

Десетдневна блокада на депонијата Русино најавуваат гостиварските активисти

М.К.