Домот на културата во селото Ростуше вчера беше местото каде млади луѓе слушаа пораки и приказни на неколкумина говорници кои беа фокусирани на заштита на животната средина и планинарењето, на вториот настан за социјален активизам годинава – „Engage Youth“.
Активистот Петар Стевановиќ кој е основач на здружението „За Почиста Македонија“ пред младите во Ростуше зборуваше за работата и ентузијазмот на оваа иницијатива.
Стевановиќ кој истовремено е и активен планинар и заштитник на природните убавини, посочи дека за секоја наредна еколошка акција во која тие го чистат ѓубрето низ Скопје има повеќе и повеќе интерес.
„Сега, работата е што тие што имаат поголема свест доаѓаат, тие што немаат некако замижуваат, не се приклучуваат. Така да, сега и тоа размислуваме, како да направиме да биде поинклузивно да доаѓаат. Мислам, не можеш да натераш некој што не сака, но сепак да пробаме, да доаѓаат повеќе, да допреме повеќе умови и да може да се крене таа свест на некое повисоко ниво, каде што едноставно ќе можеме сите, како што реков, да ги оставаме местата почисти од што ќе ги најдеме“, рече Стевановиќ.
Дополнително, тој истакна дека мора да најдат начин откако ќе се одржи еко-акција на некоја локација, таа да остане како што ќе ја остават тие – чиста.
Исто така, тој зборуваше и за некои поголеми проекти на кои како здружение работеле, како акцијата „TrashTour“ која се одржа во повеќе градови во Македонија, но и за проектот насловен „Средношколците за почисто Скопје“.
„Организиравме чистки во 10 општини во Скопје, во секоја општина, на секои две недели организиравме по некоја чистка, ни се приклучуваа многу учесници од ваша генерација, на ваша возраст и беше исто така успешен проект кој што беше во соработка со Волонтерски центар Скопје и Град Скопје“, рече Стевановиќ.
Оттука, тој ги повика и присутните доколку некогаш се во можност да им се приклучат на нивните акции, за кои рече дека ги најавуваат две до три недели однапред.
Граѓанскиот активист Мазлам Ајдини од Ростуше се осврна на важноста од граѓанскиот сектор во руралните средини. Ајдини посочи дека активизмот е од суштинско значење за осигурување дека јавните институции работат на одговорен и транспарентен начин и со учество на сите граѓани, односно ги застапуваат сите подеднакво.
„Здруженијата на граѓани преку спроведувањето на своите проекти и акции, придонесуваат секако за поголема вклученост на граѓаните во процесите и постапките на локално ниво и како да се дојде до некакво решение, упатуваат критики кон институции, посочуваат конкретни проблеми за истите и работат за поголем раст и развој на општината“, рече Ајдини.
Тој посочи дека е дел од Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот „Зеукстритон“, кое досега организирало над 20 еко-акции, но смета дека ваквите еко-акции имаат краткорочен ефект врз загадувањето, вклучувањето и зголемувањето на свеста на граѓаните.
„Поради тоа, ние преземавме некои среднорочни и долгорочни чекори, тоа значи дека ние ги мапиравме дивите депонии, донесовме некој предлог-препораки за справување со дивите депонии, воспоставивме партнерства, правевме и продолжуваме да правиме работилници и презентации за зголемување на свеста. Изминатава година е клучно дека ние формиравме еко-патрола која всушност работи во рамки на здружението, и има за цел да ги вклучи граѓаните да мапираат и полесно да ги пријават еколошките проблеми на локално ниво и да се создаде функционален систем за справување со отпадот, односно тоа да се случи преку селектирање на отпадот, и заедно тоа да го направиме со институциите на локално ниво. Оваа еко патрола има над 30 млади луѓе кои што активно работат“, истакна Ајдини.
Младиот Александар Атанасовски веќе 10 години се занимава со планинарење и има искачено многу планини во Македонија и регионот, вклучувајќи го и Арарат, највисокиот врв во Турција.
Зборувајќи за некои од неговите подвизи, тој направи и паралела со состојбата со животната средина во Македонија и други земји, истакнувајќи дека во земјава планините тонат во отпад и во смет.
Средношколецот кој има 17 години посочи дека не може да се каже дека некој ја сака природата, без тој да ја посети, односно како што рече, не може да се сака нешто, без да се знае што се сака. Оттука, тој ги повика сите да одвојуваат време и да ги посетуваат планините, но и да поминуваат што е можно повеќе време во природа.
„Вие можете да се гордеете со планините кои што ги имате, да не речам, во вашиот двор, односно тука ги има Кораб, Дешат, Крчин, Бистра, Стогово и сметам дека сите вие треба да појдете и да посетите барем еден, ако не и повеќе врва, бидејќи ем ќе ви биде исполнето времето, ем ќе имате некоја спортска активност и ќе видите во какво убаво место живеете. Нормално, не може секој да оди во планина, но секој може барем да издвои еден ден, макар еден час да прошета во природа“, рече Атанасовски.
Планинскиот тркач и скајранер од Охрид, Дејан Ангелоски зборуваше за самите основи на спортот, можностите кои ги дава планинското трчање, но и психичките и физичките придобивки од трчањето на планина.
„Има многу придобивки кога се зборува за менталното здравје и трчањето и посетувањето планина и комбинација од дветe. Едноставно после вложениот труд, после напорната активност, нас природно ни се лачат хормони на среќа што во споредба со вообичаено што ни лачи хормонот на среќа од телефоните и од храната, после трчање на нас ни се лачат многу повеќе хормони на среќа, отколку од секојдневните работи што ги правиме, што нè прават среќни и расположени. Така да, после трчање ќе бидеме порасположени и ќе имаме енергија многу повеќе и за секојдневните обврски да ги завршиме многу подобро“, рече Ангелоски.
Со посетата на природа, тој вели дека луѓето стануваат многу покреативни и дека многу поотворено размислуваат.
„Да, на телефон можеш да видиш сè, но во живо е поинаку самата перцепција на работите. Особено ако сакате покреативно да се изразите, во уметност или во сликање, во пишување музика, ако сте уметник и ако сакате да насликате слика, подобро ќе ја насликате доколку ја имате во живо видено, простудирано самото дрво, самата река како тече, не како на слика да ја видиш, тоа е многу поразлично. Исто и за музика, самите звуци, самата природа е музика сама по себе“, рече Ангелоски.
„Кога се наоѓате во природа ќе бидете посвесни за самата природа. Веќе нема да сакате, ќе ви пречат кога ќе видите хартија, сега можеби вас ви е нормално кога возите покрај пат, и затоа што од мали го гледате тоа дека има ѓубре, вас ви станува нормално, но кога ќе прошетате низ планина 20 километри и кога нема да видите ич ѓубре, и после кога ќе видите на некое место, ќе се нервирате, ќе ви пречи, затоа што тоа не е дел од природата, не е соодветно место и едноставно станувате самите автоматски посвесни за самата природа, и за самата животна средина“, додаде тој.
Настанот го заокружи Харис Беќири, кој е педагог во средното општинско училиште „Маврово – Ростуше“, а истовремено и планинар и учесник на „трејл“ трки во државата и во соседството. Беќири зборуваше за неговиот подвиг од минатата година наречен „Еверестинг“ кој претставува искачување од 8.848 метри, односно колку висината на највисоката точка на светот Монт Еверест.
„Во еден единствен обид, значи совладување на таа надморска височина, односно ‘Еверестинг’ искачување, а ‘Деверестинг’ е спуштање. Овој подвиг го направив на 23-24 јули, поголемиот дел тука што сте присутни бевте и волонтери. Го направив без употреба на превозно средство, велосипедизам, жичара или автомобил. За време на настанот добив огромна поддршка од месното население и целата општина. Идејата беше комплетно цел настан да биде во Ростуше, и патеката почнуваше од местото викано Белојца, до Олец, значи мене ми требаше некаде околу 30 часа и 50 минути, за да го завршам комплетно цел ‘Еверестинг’“, рече Беќир.
Тој објасни дека во еден период чувствувал и замор, но дека поддршката од соселаните, но и од луѓето на социјалните мрежи преовладала.
Ова беше второ издание на настанот за социјален активизам „Engage Youth“. Претходно, во април се одржа првиот „Engage Youth“, каде млади активисти и креативци споделуваа искуства од своите иницијативи и организации, а целта беше тие да покажат како се ангажирани, меѓудругото во полето на културата, уметноста, родовата еднаквост и средношколското неформално организирање.
Настанот беше поддржан од National Endowment for Democracy, а организиран од Младински образовен форум и Радио МОФ.
Мартин Колоски