[Фото] Здраво, млади!

Огромен број на млади луѓе, во години и по душа, синоќа го исполнија Младинскиот културен центар во Скопје и се забавуваа на музичката програма што ја понуди осмото издание на „Здраво млади“.

За време на 12-часовниот настан (признаваме, не издржавме толку) прво се одигра премиерата на „Црнила ремикс“. Станува збор за музичко драмски перформанс на класичното драмско дело на Коле Чашуле, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на „Зад Аголот“ создаде мешавина од драма и хип-хоп субкултурата.

Во меѓувреме, на надворешната бина веќе започна изведбата на домашниот бенд „Палиндром“, кои всушност ја отворија вечерта исполнета со концерти. За оние кои не беа таму, BPM Streaming се погрижија да обезбедат снимка.

Здраво Млади 8 | Со стартна позиција, во живо Палиндром

Здраво Млади 8 // Zdravo Mladi 8 | Со стартна позиција, во живо Палиндром / Palindrom | #zdravomladi8 #palindrom

Posted by BPM Streaming on Saturday, 1 September 2018

Внатре, пак, со интензивни звуци и вжештена атмосфера (буквално) настапуваа германското техно дуо „CAMERA“.

Сепак, решивме да излеземе на воздух и да се приклучиме на журката што ја приредија српските „Репетитор“. Во нивен стил ја преточија својата младост и енергија врз публиката која играше, скокаше и се потеше со нив.

Очекувано, најголем интерес и посетеност имаше на настапот на бруклинскиот амбиент поп-колектив „Cigarettes after sex“. Некои прегрнати, други распеани, секој на свој начин се потсетуваше на хитовите како „Nothing’s gonna hurt you baby“, „Affection“, „К.“ и многу други.

По нив, надвор продолжија американските „Wooden Shjips“, кои понудија експериментален рок, додека внатре Англичанецот Бенџамин Џон Пауер познат како „Blanck Mass“ разбуди со неговите електро звуци.

Мораме да го пофалиме DJ FITZ бидејќи без неговиот сет пред платото на МКЦ немаше да се размрдаме и соодветно да се подготвиме за вечерта. Tumbs-up за него!

Дел од нас не издржаа, но останаа храбри девојки и момци кои до 4 часот наутро се забавуваа со OGIE x PETR, DONPLAYA x BON PRASKIZA, DRUGGY.

За да ја сумираме целата вечер, би рекле дека кога во државата е реткост да се види функционален културен центар за младите, забавата што ја нудат ваквите настани им даваат надеж на младите дека културен живот се уште постои.

Синоќа, „Здраво млади“ ја врати дел од публиката во тинејџерските денови, а новите генерации ги научи на квалитетна музика.

Е.П.