[Фото] Зебра „краде“ боја од пешачките премини – нова акција на Штип арт активистите

Штип арт активистите денеска спроведоа нова акција насловена како „Зебра крадец“. Поставија картонски панели на раскрсници во Штип со дизајн, зебра која „краде“ боја од пешачките премини, со цел да го долови исчезнувањето на пешачките премини.

„Оваа акција ја спроведовме како резултат на претходно направеното онлајн истражување со граѓаните на Штип каде тие потенцираа и издвојуваа најголеми проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење“, велат активистите од Штип.

Иако во последно време сме сведоци дека почесто се обновува и фарба сообраќајната сигнализација, сепак, велат тие, истата по извесен период исчезнува, односно се брише.

„Останува возачите и пешаците на Општина Штип да возат и пешачат по сообраќајници со делумна или без патна сигнализација. Исто така и сведоци сме дека во поголемите општини и другите европски држави патната инфраструктура се прави на начин да не може да се избрише и истата е обележана со акрилна ладна пластика во дебелина до 7 мм и дозволува премин на четири милиони возила без да се оштети“, посочуваат Штип арт активистите.

 

Тие даваат и пример, процес како со боја се поставува патна сигнализација во Србија.

„Ваквото решение во прв план долгорочно ќе заштеди од буџетот на граѓаните на Штип со што ќе се прекине месечното префарбување на коловозите со бои за цемент и истите би возеле и се движеле по трајни, безбедни и обележани сообраќајници“, соопштуваат активистите.

Потенцираат дека „Зебра-крадец“ е од сатиричен карактер и има за цел  да им укаже на локалните власти и јавните претпријатија за потребата од долгорочно решение за квалитетна патна сигнализација, со цел побезбедни сообраќајници за граѓаните на Штип, но и заштеда на буџетот на Општина Штип кој доаѓа од парите на граѓаните.

„Апелираме и до возачите и пешаците да се придржуваат до постоечката патна сигнализација и да се однесуваме одговорно кон другите учесници во сообраќајот. Воедно да напоменеме дека поставените реквизити се од биоразградлив материјал и единствен начин да укажеме за побезбеден и поубав Штип“, соопштуваат активистите.

Фото: Штип арт активисти