[Фото] Со минута молк за студентскиот стандард заврши Студентскиот марш пред МОН

Со подигнати жолти картони за „прва опомена“, минута молк за студентскиот стандард, скандирања „Студентски отпор“ и говори, вечерва студентите го завршија Студентскиот марш пред Министерството за образование и наука.  Студентите претходно се собраа пред Владата на РСМ, а потоа маршираа по скопските улици носејќи транспарент со порака „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“.

Студентскиот марш освен што симболично беше организиран за да го одбележи Меѓународниот ден на студентите, беше и можност тие да ги искажат своите барања – издвојување на средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите и подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.

„Денес е 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите, за таа цел и го организираме овој Студентски Марш, ваквата пракса веќе се спроведува низ голем број на земји низ Европа и светот. Целта на овој Студентски марш е студентите да ги изразат своите барања и ставови јасно и гласно пред институциите, па би сакале оваа година Маршот да биде една иницијална точка која ќе премине во долгорочна традиција и ќе ја применуваат и наредните генерации зад нас“, истакна претседателот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој ги посочи барањата на студентите, додавајќи дека верува институциите ќе го слушнат гласот на младите.

„По барање и иницијатива на УСС УКИМ  беше одржана средба заедно со директорите на студентските домови, претседателите на студентските домови, Клубот на млади пратеници како и претставници од МОН и Министерот за образование, каде што констатиравме дека до среда МОН ќе излезе со конкретен акциски план по решавање на круцијалните прашања поврзани со домовите, а тоа е хигиената и целосно реконструирање на тоалетите“, соопшти Темелковски.

Зборувајќи за тоа какви искуства и поуки извлекол од последните неколку дена за младинскиот, но и за активизмот генерално, Темелковски посочи дека младите во земјава покажале голема зрелост во однос на оние кои што моментално ги носат младинските политики.

„Поради тоа и еден од условите што го поставивме беше Универзитетските студентски собранија активно да учествуваат во носењето на законските решенија и младинските политики и верувам дека од сега па натаму активно ќе не вклучуваат во сите процеси и на тој начин верувам дека ќе креираме заедно подобри младински политики. Сите имаме една заедничка цел, а тоа е претставување на младите во Македонија“, заклучи тој.

Мила Петрушевска, претседателка на УСС при Универзитетот ФОН, истакна дека како Универзитетско собрание формирано на приватен Универзитет, студентите сепак се наоѓаат  подеднакво засегнати.

„Затоа, денеска сум тука, не само денеска туку и во изминативе денови и допрва ќе продолжам да се борам за нашите студентски права. Нашите барања се подеднакво исти, а морам да ја искористам оваа прилика да кажам дека студентите од приватните факултети имаме и дополнителни барања – бесплатен превоз во ЈСП, бидејќи знаеме дека државните факултети не плаќаат, додека ние плаќаме. Допрва за тоа јас ќе се потрудам да разговарам, а за останативе барања за кои разговаравме во изминативе денови и на средбите кои ни претстојат остануваат исти. Исто така ги поддржуваме Универзитетските собранија на државните факултети, но на крајот на денот искрено сакам да кажам покрај барањава, јас се надевам дека целата оваа фама која што е подигната нема да е сфатена во политичка конотација од страна на поединци“, изјави Петрушевска.

Претходните денови, во фокусот на јавноста се барањата на студентите кои реагираа за измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кој беа предвидени поголеми критериуми. По реакциите, предлог-законот беше повлечен, а на средбата на студентите со МОН и пратениците беше договорено да продолжи да се практикува се до март наредната година. Во меѓувреме, со работа започнаа и работните групи во кои се вклучени и студентите за креирање на системско решение за законот.

Маршот беше во организација на универзитетските собранија и движењето „Студентски отпор“. Радио МОФ во живо го пренесе целиот Студентски марш, а видеото е достапно на нашата Фејсбук страница.

М.К./И.С.