Фотографии на Томислав Георгиев во Сараево

Фотографот Томислав Георгиев деновиве ќе учествува на изложбата „Јас бев на Косово“, која ќе биде отворена утре (9 ноември ) во галеријата „Дуплекс 100м2“ во Сараево.

Станува збор за изложба на фотографии од учесниците на работилница која се одржа како дел од фестивалот „ДокуФест“ во Призрен ова лето, а кои креираа визуелна приказна за Косово. Работилницата ја водеше наградуваниот шпански фотограф Пеп Бонет.

На изложбата учествуваат уште десет фотографи од повеќе земји. Селекција од делата од изложбата ќе биде претставена и во рамките на 8-то издание на фестивалот „Право људски“, кој промовира социјално ангажирана уметност, филм, неформална едукација и меѓукултурен дијалог. Фестивалот во Сараево ќе се одржи од 13 до 18 ноември.

Изложбата во Сараево е организирана во партнерство со фестивалот „Право људски“ и со „ДокуФест“, во соработка со галеријата „Дуплекс 100 м2“ и со поддршка од фондот „Хартефакт“.

 

Извор