Започна шестмесечниот проект “Фотографирај и реагирај” со кој граѓаните во три пилот- општини (Центар, Богданци и Виница) ќе имаат можност да го користат бесплатниот јавен сервис за пријавување на проблеми поврзани со животната средина.
Самиот јавен сервис се состои од три компоненти и тоа: мобилна апликација и веб-страница, кои се веќе функционални, како и бесплатна телефонска линија која ќе биде пуштена во текот на неделата.
Целта на овој сервис е сите пријавени проблеми од областа на животната средина да бидат побрзо регистрирани и решени од страна на надлежните институции
Од Здружението за одржлив развој „Милиеуконтакт – Македонија“ кое го имплементира проектот, велат дека сервисот ќе служи како корисна алатка во секојдневниот живот на сите кои сакаат да пријават проблем, а притоа ќе имаат можност да го следат и статусот на решавање на истиот.
Со помош на мобилната апликација корисниците ќе можат да го фотографираат проблемот што го забележале и истиот да го препратат до посебна база на податоци, од каде истиот ќе биде пренасочен до најсоодветниот надлежен орган за решавање на проблемот.
Самата апликација содржи и гео-лоцирање на пријавениот проблем со што дополнително се олеснува постапката за пријавување. Покрај апликацијата сервисот нуди и пријавување на проблемите преку веб-страница и преку јавување на бесплатна телефонска линија: 080 023 023.
Проектот е поддржан од проектот на USAID за граѓанско општество, кој е спроведуван од Фондација Отворено Општество – Македонија.