Обединети под паролата „СТОП за лошите реформи во образованието“, наставници, средношколци, родители маршираа низ центарот на Скопје, за да стигнат до Министерството за образование и наука.
Со извици „Не за екстерно“, но и повик до останатите граѓани „Дојди и приклучи се“, организирани од Наставничкиот пленум, протестот е насочен против сите негативни реформи кои ги донесе МОН.
„Со овој протест не мислиме да го спречиме екстерното кое стартува за неколку дена, туку да укажеме дека и покрај сите обиди, не најдовме ни еден аргумент кој би ја поткрепил тезата дека екстерното тестирање ќе го подобри квалитетот на образованието“, велат од Наставнички пленум.
Протестот го поддржа и Средношколскиот пленум.
„Средношколскиот пленум официјално објавува дека ќе го поддржи најавениот протестен марш на Наставничкиот пленум, кој е наменет за искажување на нашиот револт од екстерното тестирање, како една од најлошите реформи кои се воведени во образовниот процес во Р.Македонија и против сите други лоши реформи кои се воведени во образовниот процес во Р.Македонија во последните неколку години“, посочија средношколците од Пленумот.