„Фрагментарни реалности“ е новата изложба на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски која ќе биде отворена на 24 ноември во Културно-информативниот центар во Скопје.
„Проектот е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото“, вели уметникот Петровски.
Куратор на изложбата е историчарката на уметност Маја Чанкуловска Михајловска. Изложбата ќе биде поставена во Салон Империјал 1 и 2, а отворањето е од 20 часот.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Завршил постдипломски студии по сликарство на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.