Околу 800.000 тинејџери годишно отсега можат да преземат апликација со која ќе добијат 300 евра, кои ќе имаат шанса да ги искористат за културни активности како што се билети за во кино, музеј и театар, или за купување книги, уметнички материјали, курсеви за танц и инструменти или онлајн претплата.
Киносалите и музеите повторно беа отворени оваа недела, но културната пропусница не е поврзана со закрепнување од пандемијата со ковид, пишува BBC.
Таа е дел од изборното ветување на Емануел Макрон од претседателската кампања во 2017 година, а потегот го најави преку 30-секундно видео на ТикТок и Инстаграм.
Откако ќе се регистрираат, 18-годишниците ќе имаат две години да ги потрошат парите.
Апликацијата предлага различни изложби, концерти и други културни настани во нивното локално подрачје.
Капацитетот во концертните сали, театрите и кината сè уште е ограничен на 35%, додека просторот во музеите е исто така ограничен. Но, киносалите и музеите во Франција се затворени повеќе од шест месеци, па иако пропусницата е долго време планирана, ова се очекува да помогне во нивно закрепнување.
Парите може да се искористат и за претплати на дигитални платформи, се додека се француски. Така што, Нетфликс, Амазон и Дизни + се изоставени, но француските страници како што се Канал Плус, Салто и ОЦС се опфатени со мерката. За љубителите на музиката, Спотифај е надвор од можностите, но Дизер е вклучен.
Некои политички противници гледаат на ова како тактика за привлекување нови гласачи на претседателските избори следната година. Макрон се соочуваше со несогласување во рамките на неговата партија во последните месеци и крајно десничарската лидерка Марин Ле Пен го предизвикува во анкетите за јавното мислење.
Новата културна пропусница пред да се воведе на национално ниво, беше пуштена пробно во 14 области во Франција. Според двогодишниот тест период, извештаите велат дека од 164.000 млади луѓе кои се пријавиле за да ја користат пропусницата, три четвртини ја користеле барем еднаш.
Убедливо најпопуларниот избор биле книгите, но и купувањето музички инструменти, одењето во кино и аудио-визуелната забава биле исто така популарни.