Продажбата на огномет ќе биде забранета до 15 јули, а одлуката следи по скоро недела од протестите на национално ниво поради убиството на тинејџер од страна на полицијата во Париз, јавува „Euronews“,
Франција го забрани купувањето, поседувањето и транспортот на огнометот во пресрет на националниот ден на Франција, поради страв од нови немири.
Денот на Бастилја е национален празник кој го одбележува почетокот на Француската револуција, а секоја година се слави со паради и огномет.
Сепак, претседателот Емануел Макрон донесе одлука за забрана на употреба на „пиротехнички производи“ за да се спречи „ризикот од јавни нереди“.
Убиството на седумнаесетгодишниот Нахел со алгериско потекло предизвика јавни нереди и ја покажа фрустрацијата поради систематскиот расизам, невработеноста и општествените нееднаквости кај локалното население.
Премиерката Елизабет Борн изјави дека состојбата во Франција е „деликатна“.
Околу 4.000 лица беа уапсени низ Франција по смртта на Нахел, а бројни јавни и приватни згради и возила беа вандализирани. Од француската полиција посочија дека огнометите биле „оружје по избор“ на младите кои учествувале во демонстрациите.
Француските власти забележаа дека забраната нема да важи за општините и јавните претпријатија кои ќе се снабдат со огномет по повот јавните прослави.